Раздвиженост по улиците, полни кафулиња вака денеска изгледа Виница, градот од каде неделно за Италија транзитираат шест автобуси и два минибуса. Според некои проценки неделно во оваа држава од истокот заминуваат околу 150 лица. Корона вирусот, барем засега не преставува никаков проблем, ниту пак создава паника кај виничани.

За своето здравје не стравува ниту Илчо Илиев. Тој еднаш неделно со минибус превезува патници до Италија. Сега во сабота ќе патува за Ливињо во областа Ломбардија, од каде се шири корона вирусот. Со себе ќе понесе маски, антибиотици и антибактериски гелови.
-На нашите граници граничарите во кабините носат маски, ама нема посебни мерки што ги применуваат.Нема термални камери или нешто за да те проверат.Јас мислам дека патниците сами теба да бидат свесни-вели Илиев.

Од локалната самоуправа не гледаат посебен пробклем. Одржале итен состанок, а ќе сугерираат откажување на патувањата доколку состојбата стане алармантна
-За наша среќа, најголем дел од нашите иселеници живеат во области во Италија кои не се многу зафатени со вирусот. Како што знам Ломбардија е најмногу зафатена, а додека нашите иселеници живеат во Пијамонте. За сега немам случаи на наши заболени-изјави ТОНИ ВЕЛКОВ-преседател на Совет на Општина Виница.

По насоки на министерството за здравство денеска целосно е испразнето штипското Инфективно одделение. Пацентите кои биле хоспитализирани поради грип или други заразни болести се испратени дома. Дел од заштитната опрема е пристигната, а секој момент се очекува да добијат и скафандери. Засега нема најава за евентуално сместување на патниците од Струмица кои поради тоа што патуваа со заболената скопјанка се во домашна изолација.