МОН во хаос, Царовска со розеви очила – не го гледа, оставка не и паѓа на памет

Протести на средношколците, нова концепција за основно образование дочекана на нож од целата научна фела, предметот историја повеќе нема да биде посебен предмет, сексуално образование со нејасна слика како ќе се реализира, задоцнет старт на учебната година, онлајн настава со крахирана платформа, а деца без интернет, ова се дел од низа работи кои министерството за образование и ги сервираше на јавноста.

Дел од експертите и аналитичарите на нозе, одговорност за ова мора да има. Министерката нема намера да поднесе оставка.

Секако дека треба некој да поднесе одговорност, но дали ќе поднесе одговорност тоа останува на тоа прво кој ќе ја побара таа одговорност. Секоја критика што не доаѓа од истата политичка партија или од луѓе, поединци, индивидуалци кои не се во нашите кругови тоа се смета за атак врз актуалниот политички вршител-вели Елка Улчар.

Улчар особено реагира на новата концепција за основно образование, вели таа е избрзана и експеримент, а не биле земени предвид забелешките кои доаѓаат од луѓе кои имаат познавање од материјата. Вели досега многупати таа и нејзините колеги давале сугестии, но тие не биле вклопени ниту пак разгледани.

Јас со години сугерирам не само за овие работи и за други нешта сум сугерирала и не само јас туку и моите колеги и никој ништо не прифатил. Ми се чини дека оваа атмосфера која ја имаме во општеството, оваа поделеност на ваши и наши не води никаде, сметам дека тоа воопшто не е добро. Според мене ова е еден експеримент кој треба да се истури врз плеките на овие наши кревки деца и со ваквиот однос и занемарување на стручњаците и примањето на сугестии на оние кои се политички погодни , а не и на неподобните мислам дека не води до ништо  и уште повеќе го тера нашиот млад човек да бега што подалеку од земјава-вели Елка Улчар.

Крахот во образовниот систем, како што го нарекуваат родителите на основците, но и средношколците резултираше со продолжување на штрајкот на учениците во средните училишта, како и дилеми особено за предметот сексуално образование кој ќе биде изборен во 9то одделение, но не се знае ниту што ќе има во учебниците ниту кој ќе ги пишува, а ни како ќе се реализира.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста