Продолжува хаосот со годинашниот, досега незапамтено катастрофален откуп на тутунот

   На само дваесетина дена пред официјалниот крај на годинашната откупна кампања на тутунот, состојбата со откупот повеќе од драматична. Слаба динамика, понижувачки ниски откупни цени, недостиг од амбалажа, чекање со денови пред откупните пунктови, предавање на тутун преку врски или со подмитување, се само дел од проблемите кои се’ повеќе им ги зголемуваат очајот и неизвесноста на македонските тутунари. Тие тврдат дека во земјава има уште околу 11 милиони килограми тутун за откуп, а откупните компании, родот го откупувале по само неколку часа дневно и тоа во ограничени, минимални количини. Состојбата е најзагрижувачка во Долненскиот регион, кој со вкупно производство од околу 9 милиони килограми тутун е најголем во земјава, а досега биле откупени само 35 проценти од родот.

 „Тутунот што го носиш не ти го примаат сиот. И 40 картони да однесиш таму, по шифри ти ги ценат и од 40 картони, 25 си ги враќаш назад, така што и редот ти поминал што си го чекал. Ти бараат горни берби, горни берби му носиш за во „кец“, шанси нема, значи „кец“ не ти проценува и ти останува празна шифрата само за „кец“, така што другите берби не ти ги ни прима.., – вели Еџевит Ајдароски од Долнени.

    Ништо подобра не е состојбата и во другите производствени региони. Текот на откупот се оценува како невидено лош досега.

   „На терен имаме влошување. Се откупува по шифри, се враќаат луѓето, четврта класа се одвраќа, не се откупува. Проценката е катастрофална, се врши грабеж по сите основи.Се земаат пари под рака, само да се влези на ред да се предај тутунот.Луѓе, ова вака е неиздржливо и ова мора да се реши“, – посочува Игор Мирчески.    

Заради ваквите сосотојби, тутунопроизводителите повторно бараат итни средби со сите надлежни институции. Исто така имаат и сомненија дека во земјава и понатаму се увезувал и легален и нелегален тутун, што дополнително им ја влошувало и онака очајната ситуација.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста