Ристовски и официјално соиграч на Адеми во Динамо Загреб
Стефан Ристовски и официјално е нов член на Динамо Загреб. Македонскиот дефанзивец по три ипол години во Спортинг Лисабон се враќа во Хрватска, каде претходно настапуваше во Ријека. Со „Модрите“ потпиша повеќегодишен договор, а познато е дека за неговите услуги лисабонскиот гигант инкасира еден милион евра. Ристовски стана петтиот македонски фудбалер во загрепски Динамо по Васил Рингов, Гоце Седлоски, Сашко Пандев и актуелниот капитен и македонски репрезентативец, Аријан Адеми. Ристовски со тешко срце се збогуваше со фановите на лисабонскиот Спортинг. Тој им порача дека засекогаш ќе остане горд спортинговец, на што експресно доби поддршка од неговиот поранешен соиграч и голем пријател, Бруно Фернандеш, сегашната ѕвезда на Манчестер Јунајтед. Бруно жали за неговото заминување, а меѓудругото му напиша: Секогаш беше цар, заслужуваш нова шанса за докоажување на твоите квалитети. Твоите успеси ќе бидат и мои“.