Молк од Владата: Нема одговор по кој основ Битиќи е избран да заработува потенцијални 500 долари за само еден час

Молк од Владата: Нема одговор по кој основ Битиќи е избран да заработува потенцијални 500 долари за само еден час

Од Владата не одговараат зошто и како Фатмир Битиќи по предлог на Владата во која и самиот е потпретседател, стана дел од тело на Светската Банка каде потенцијално може да заработи цели 500 долари за само еден час работа. Вицепремиерот за економски прашања е дел од тело каде членови треба да бидат истакнати правници, адвокати или бизнисмени, а не политичари. А Битиќи покрај вицепремиер е и партиски потпретседател во СДСМ.

До Илинденска поставивме две конкретни прашања, но одговор се уште нема.

-Зошто и по кој основ вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи е предложен од Владата да биде дел од ова тело?

-Дали Владата планира да побара од вицепремиерот за економски прашања да се повлече од ова тело бидејќи во истото не треба да има личности поврзани со политика?

Во ова арбитражно тело има претставници од сите држави со кои соработува Светската Банка и кои се ангажираат по потреба доколку настане одреден спор. Според она што е пропишано членови на ова тело треба да бидат истакнати правници, адвокати или бизнисмени, но не и политичари.

Одговори чекаме и од Светската Банка, дали Битиќи до сега одлучувал во некој спор и по кои критериуми е дел од ова тело. Инаку, хонорарот кој би го добил ако биде избран да одлучува за некој спор е и повеќе од солен. За секој час работа, на сметката ќе му легнат 500 долари, додека пак 250 долари по час му следуваат и за времето додека е во авион и патува кон централата на Светската Банка. Ако случајно и во авион има некаква активност поврзана со ова тело наместо 250, ќе добие по 500 долари за еден час.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста