Мицкоски: Власта е исплашена, па мора да организира следење на лидерот на опозицијата

Повеќе од очигледно е дека власта е исплашена, па затоа мора да организира следење на опозицискиот лидер, вели во интервју за „Фокус“ претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Опозицискиот лидер, вели дека отрпнал на нивните лаги и лажни вести, кои не само што ги ширеле, туку и ги надградувале.

Мицкоски додава, дека од едно влакно прават јаже и подоцна само е во прашање инспирацијата за лажење.

– За кус период бев предмет на хајка на организирани лажни вести кога се појави снимка од моето наводно вежбање од една друга теретана, па се појави фотографија од моето искачување на Водно. Очигледно власта е исплашена па мора да организира следење на лидерот на опозицијата. Но во исто време не е проблем да продолжат со крадењето на државниот буџет и да не прават ништо во однос на економската криза, вели Мицкоски.

Што се однесува до снимките од теретана за што беше обвинет Мицкоски дека со полициска придружба ги крши мерки за кризата, тој рече дека МВР веднаш направила истрага и утврдила дека се работи за стара снимка лани, и дека е излезена по нелегален пат.

Мицкоски во интервјуто за „Фокус“ зборува и за изборите. Неговиот став е дека кога уште се бројат мртви, не треба ни да се помислува на избори.

– Власта лови во матно и Заев во една ваква ситуација, по цена на здравјето, сака избори затоа што се надева на корупција на изборите и слаба излезност поради оправданиот страв на граѓаните да гласат поради корона кризата, објаснува Мицкоски.

Дека активностите на лидерот на опозицијата се значајни за некои структури, сведочат и денеска објавените четири аудио снимки, во ист ден, со неговото интервју за неделникот „Фокус“. На нив се слуша разговор на Мицкоски со Зоран Милески Кичеец за изборната атмосфера во Охрид.

Институциите ќе треба да поработат на тоа дали овие разговори се точни, кој снимал, но и кој го следи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, според неговите тврдења.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста