Мицкоски: Експериментот Заев заврши, Македонија мора да продолжи

Експериментот Заев заврши, но Македонија мора да продолжи. Сите видоа дека може и мора многу подобро. Изборите на 12 Април не се борба на ВМРО-ДПМНЕ против власта туку на народот против Заев и раководството на СДСМ, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски на промоцијата на кандидатите за пратеници на коалицијата за обнова на Македонија. Додаде дека целта на опозицијата е да го порази СДСМ и да ја врати државата на вистинската патека.

“ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, а ова не е филмот кој што го гледавте еднашка во 2016-та година. ВМРО-ДПМНЕ ќе направи влада. И за бадијала се храбрите дека некој од надвор бил на ваша страна, вистината е дека нашите пријатели, меѓународната заедница не сакаат пактови со криминалци и неспособни луѓе, а нив најмногу ги интересира европската иднина за што ВМРО-ДПМНЕ го има решението. ВМРО-ДПМНЕ ќе ги направи сите потребни реформи со кои по изборите ќе ја внесе државата на брза трака кон Европската Унија, бидејќи 4 години оваа власт не држи во место. Нашиот народ знае дека еднаш ако го излажеш, нема да чека тоа да се случи втор пат”, рече Мицкоски.

Лидерот на опозицијата го обвини Заев дека избегал од идејата за кандидат за мандатар бидејќи знаел дека ќе претрпи пораз и сакал да се спасува како пратеник. Мицкоски вети и невработеност под 10%, 0% персонален данок за младите до 29 години, рамен данок од 8%, две милијарди евра инвестиции во патишта.

Потпретседателот Николоски и носител во четвртата изборна единица истакна дека реформираното ВМРО-ДПМНЕ ќе ја направи Македонија пристојно место за живеење. На Заев му порача дека ќе го порази на негов терен.

“Јас ја имам таа обврска  да ја предводат листата во 4та изборната единица и тука сакам нешто да ви ветам: „Ќе го победиме Зоран Заев дома, затоа што победите на гостински терен се најслатки. Зоран Заев после 12 април ќе одговараш, јас ти гарантирам, ВМРО-ДПМНЕ ти гарантира, Македонија ти гарантира”, рече Николоски.

Оперскиот пејач Игор Дурловски носител во петтата изборна единица рече дека ќе се бори за враќање на достоинството на македонецот по сите национални понижувања.

“Да го обновиме системот кој свесно и во континуитет е рушен, да ги поддржиме најдобрите да водат и да го употребат сето свое знаење, мотивација, храброст. Свесно со политички средства ќе им ја покажеме нашата сила и мудрост”, рече Дурловски.

Во првата изборна единица листата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе ја предбоди професорката Сиљановска, втората Владо Мисајловски, третата Игор Јанушев и шестата дафина Стојановска. Мицкоски е кандидат за мандатар на владата.

Градимир Марковски

 

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста