Обвинителството не отвора предмет по допрен глас: Ќе чека некој да го пријави Рашковски

Обвинителството нема да отвори предмет по допрен глас против Драги Рашковски, за набавката на софтвер во МВР, кој воопшто не се користи. Ќе чекале другите надлежни институции да достават наоди. Она што е интересно, а за тоа и сам се пофали поранешниот владин ген- сек, овој софтвер е токму негова идеја.

-Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со внимание ги следи информациите објавени по медиумите, при што очекуваме надлежните институции  до обвинителството  да достават свои наоди за евентуални сторени кривични дела. Обвинителството согласно своите надлежности ќе ги даде неопходните насоки,  упатства и наредби на институциите во чија надлежност е откривањето на овој вид на криминал. Доколку овие институции утврдат елементи на кривично дело,​ обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности и ќе ги гони сторителите, велат ОЈО.

Додека обвинителите чекаат, Антикорупциска најави дека се отвора предмет со кој ќе се испитува овој случај. Во одбрана на Рашковски во моментов застана само Заев.

-Со документи ќе ви покажеме зошто е набавен софтвер кој што може да се употребува во Министерството за внатрешни работи. Постои писмена комуникација меѓу двете институции, Генерален секретаријат и МВР. Спроведен е тендер со проектирано 8 милиони денари, падната е цената на некои пет милиони денари поради наддавањето. Ако не го користат, можеби во иднина ќе го користат, јас стварно не ги знам деталите оставам на службите, изјави Заев.

Инаку ова е само еден од низата скандали поврзани со името на Драги Рашковски. Најгласно во јавноста одекна оној со случајот „Леонардо“, каде беа објавени аудио материјали, во кои се слуша како поранешниот владин ген- сек, договара тендер за набавка на радарска опрема за М-НАВ.

За овој случај Обвинителството отвори предмет, но на крајот обвинение немаше, одлуката беше дека немало основа за негово гонење. За овој скандал оставка од Рашковски побараа многумина, но тогаш неговата одлука беше да не се повлекува, само се извинуваше до небо бидејќи ги навредил Италијанците и Ромите.

-До небо извинување пред се кон Италија, кој што се наши големи партнери и пријатели, уште еднаш извинување до ромската заедница, изјави Рашковски на 02.07.2019 година.

Како и сега, така и пред две години еден од ретките кој застана во одбрана на Рашковски беше Заев. Тој дури и ги покори новинарите, порачувајќи им дека не можеле да го прават салата тогашниот генерален секретар.

-Не можете некого да го правите салата кога сакате и како сакате како физичко лице. Владата нема да поднесе тужби, наша работа не е да се тужиме со новинарите и со медиумите, но секоја индивидува како физичко лице има право да го заштити својот дигнитет и достоинството, изјави Заев на 02.07.2019 година.

Драги Рашковски зад себе го има скандалот со набавката на хеликоптерите за прва помош, проект кој се уште не е завршен. Покрај скандалите со Рашковски, финансиски скандали зад себе имаа и други владини функционери, во прв ред Ден Дончев и Лидија Димова. Разрешница за нив се уште нема.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста