Со КН 95 маска и каљачи на чевлите попишувачите ќе влегуваат во домаќинствата за попис

Со заштитна маска КН 95 и специјални заштитни каљачи на чевлите – само вака опремени попишувачите ќе смеат да влезат во домовите на граѓаните. Здравствените протоколи за претстојниот попис кои ги донесе Комисијата за заразни болести, а ги усвои Владата предвидуваат попишувачите и членовите на домаќинството за време на попишувањето да седат на растојание од најмалку метар и половина, а доколку постојат услови пописот да се врши во двор или на тераса. Најстрого се забранува попишувачите да ја вадат маската, дури и ако пописот се врши на отворено, а тие нема да смеат ниту да јадат ниту да пијат за време на попишувањето.

„Се забранува вадење, поместување и менување на заштитната маска за цело времетраење на попишувањето во домот. Користење на средства за дезинфекција на рацете пред влегувањето и по излегувањето од домаќинството. Надворешна дезинфекција на лап-топот пред влегувањето и по излегувањето“, се вели во протоколот кој го усвои Владата.

Посебно организирано ќе биде попишувањето на лицата позитини на Ковид 19 и оние кој се во изолација. Списоците за лицата во изолација, Државниот завод за статистика, ќе ги добива на дневна основа преку системот Мој термин.

„Лицата чија изолација ќе почне на 1 април и лицата чија изолација завршува во деновите на траење на Пописот, попишувачот ќе ги посети по завршувањето на периодот на домашна изолација“, стои во протоколот.

Оние граѓани кои до крајот на пописот ќе бидат позитивни или во изолација ќе бидат контактирани преку телефон. За нив ќе важат посебни услови за попишување, односно податоците ќе може да ги даде некој што им е близок.

До денес близу 52.000 македонски државјани во странство се попишале преку онлајн апликацијата на Државната статистика.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста