Македонија од геополитика до небополитика

Македонија од геополитика до небополитика

Последнава  деценија поврзано со  интензивните случувања на меѓународен план и кризите се актуелизираше поимот геополитика.  Изминативе  неколку години воените конфликти и преврати го потенцираа овој поим дури и во секојдневната комуникација. Особено во контекст  на непопуларните притисоци кои однадвор се проектират врз националните чуства на македонскиот народ овие теми станаа супер актуелни.  Па, низ анализи се барат алтернативи. Истовремено, со нив се појавија и оние кои од политичко или академско искуство ја коментират ова тема  или ја користат како  политичка  агенда. Се појавија разни  аналитичари кои ја земат улогата на писатели па суровата реалност ја претставуват во стилот на Хомер дека еден народ страда до моментот на појавата на јунак.

Геополитика значи зависност на политиката од географскиот фактор односно од земјата. Постојат фактори кои на одредена држава и дават одредена предност.  На пример излез на топло море, пристаништа, демографски  и стопански раст.  Она што е  предност  може да биде причина за неочекуван негативен  развој на работите. Па така се поставени одредени правила со кои геополитиката може да биде предиктивна. На пример Еритреја има пристаништа на Црвено море. Но во позадина се наоѓа огромната континентална Етиопија.  Етиопија со огромен број на жители и силна потреба да излезе на море.  Во 2023 година за едното пристаниште на Еритреја ( според одредени извори)  интерес покажува Русија.  И, се чини дека  Етиопија може оваа прилика да ја искористи.  Аналитичарите велат дека Рогот на Африка  наскоро би можел да биде ново сериозно воено жариште.

Златното правило на геополитиката е да се стави под контрола големата континентална маса на Европа и Азија. Кој ја контролира Евроазија – тој ќе го контролира светот.  Од друга страна  во теоријата но и во пракса се појави  одговор.  Односно Евроазија наместо како објект сега проговори како субјект. Никој – вели Евроазија – нема да не’ стави нас под контрола.  Така во судир влегуват копното со морето, односно источната со западната цивилизација или САД, Кина, Русија.

Откако геополитиката која претходно беше дел од жолтиот  печат влезе во факултетските учебници ја доживеавме непријатноста да видиме дека ние Македонците сме негативниот пример во тие четива. Односно кога ја научивме максимата:  Кој го владее Средоземно море – го владее светот,  сфативме зошто нашите предци  со жесток  оган биле избркани од Егејска Македонија,  Тракија и зошто на пример Србија нема море, а Бугарија и Романија се дел од  Црноморскиот басен.  Исто така научивме и дека некои од нашите учени и револуционери  ја познавале оваа материја  пред таа да биде објавена во една брошура во САД со која наводно започнала геополитиката.

Таман додека  ја совладаме геополитиката  веќе се појави теоријата наречена „Небополитика“.  Ако во првиот случај главниот фактор беше просторот сега дефинирачки фактор е времето.  Времето кое има свои циклуси и други текови. Се разбира оној народ кој добро се познава себе си, кој ги познава најдолгите циклуси на своето постоење ќе победи согласно оваа небополитика.  Во конкретниот пример за Етиопија и Еритреја уште од времето на  Хајле Селасие Етиопија веќе има воено  искуство со Еритреја.  Ги помниме сликите со многу жртви и срцепарателните слики од  гладните деца на Африка.

Геополитиката има свои мистични архетипи, симболи и пардигма за да се дообјасни она што не може лесно да се опише.  Морскиот Левијатан се судира со копненото чудовиште Бехемот. Небополитиката пак вели дека во висините на синусоидата на времето на една цивилизација и помага виша сила.  Според небополитиката како што тројство владее на небото така следува поделбата на силите и на земјата. Само што на земјата овој контролен  принцип има обратна логика за нов мир во светот:  Ако двајца се расправат- третиот ќе печали.

Во македонските социјални медиуми присутни се сцени украсени со фамозни  излоирани антички симболи,  знаци од словенски божества  со толкување во контекст на нови меѓународни стратегии и конспирации.  Ако се знаат основите на геополитиката и небополитиката  овој пропаганден карактер има  разбирлива порака.  Македонија има широк временски циклус кој се протега со векови и така стекнато  искуство кое на крај ќе победи.  Во центарот на таквото обраќање е обичниот човек кој по избор на провидение станува јунак.  Вообичаено елитата тука е претставена како предавник,  изгубена во просторот и судрена со циклусите на големото време.

Повици за собири на бунтовен народ,  за создавање на критична маса предводена од поединци со наводни  информации  допират единствено до границите на познавањето на реалноста во меѓународните прилики.  И остануват до тука.  Не се согласувам со изнесените тези дека за македонските партизани  иако во  мал број решавачки бил усетот за геополитика. Вистината е дека тие сепак ја следат судбината на Советскиот Сојуз, а соработуваат и со Англија.  Подоцна нивните сојузници  немат чуство за нив ниту во текот на војната ниту пак по неа.

Нашиот капацитет за водење реал политика како држава и народ  е релативно ограничен.  Факт кој не важи само за нашата држава или нација.  Доколку внимателно се следи меѓународната политика ќе се сфати дека во геополитичка смисла диктатот го прават неколку големи светски или најголемите  воени сили.  Останатите држави колку тоа да не звучи популарно имат улога на бафер,  тампон  над  чии глави за жал се пресметуват големите титани. Поводите, причините за расправа и историските вистини немат никакво значење.  Економската, воена и здравствена криза доведоа до ослабнување на значењето на суверенитетите на државите и народите.  Пред неколку дена Венецуела излезе на референдум.  Граѓаните одговорија на прашање со кое се доведува во прашање суверенитетот над две третини од територијата на соседната држава Гвинеја. Во морскиот басен на Гвинеја неодамна беа пронајдени огромни резерви на енергенси. Претседателот на малата Гвинеја исто како и Обединетите Нации се изненадени од овој  чин на демократија на народот на соседна Венецуела.

Ефект на реал политичко дејство  за Македонија  можат да постигнат  само оние политички и  граѓански организации кои имат здрава структура  најпрвин на планот  на широка месна организираност.  Оние кои имаат големо и организирано членство и умеат да ја преведат секоја детална појава најпрвин од домашниот  терен.  Сите  организации на граѓани  кои имаат искуство од учество во државни работи кои остваруват контакти со сериозни дипломати,  оние  кои имат стручни штабови за сите сфери на живеење. Нивната сериозна задача  во наредниот период е да направат фронт за широка дипломатска активност паралелно со грижата за подобрувањето на домашните стандарди. 

Петар Трајков

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста