Линданот во Охис ќе чека пари од странство

Еколошката бомба во Скопје ќе чека на странски пари. Државата нема средства да ја расчисти и големата депонија во Охис, за која се проценува дека содржи над 50.000 тони Линдан. Иако уште во јули лани се најавуваше старт на нејзиното чистење, засега се чисти само малата депонија, која содржи над 6 и пол илјади тони хемиски отпад, неколку-пати помалку од големата. Меѓу него и опасната „жива“ која е пронајдена при расчистувањето. До крајот на мај таа ќе треба да се исчисти целосно, а за останатиот, посериозен предизвик ќе се чека на помош од донатори:

– „Ако се знае дека чистењето на малата депонија со линдан чини 8,6 милиони евра, тоа значи дека за големата ќе има потреба да многу поголеми средства. Сме во разговори со меѓународните донатори, а мораме и ние сами да најдеме средства од буџетот, тоа е предвидено во следните години и сакаме да продолжиме со чистење на целата таа жешка точка во Скопје. За големата депонија ќе бидат потребни дополнителни 40 до 50 милиони евра“ – изјави министерот Нуредини.

Од она што досега е собрано од малата депонија, се очекува на 3 Мај да бидат испрратени 450 тони линдан и 150 тони контаминирана почва во Франција. Целокупниот собран материјал според Нуредини ќе биде транспортиран до крајот на наредниот месец.

Новинар: Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста