100 дена Влада: економија – лош старт, катастрофален финиш

Лошо започнаа, а катастрофално завршија 100-те дена на економски план од Владата на новиот премиер Димитар Ковачевски. Дојде во најголемиот ек на енергетската криза, кога струјата енормно поскапе, а сметките за граѓаните и фирмите „скокнаа“ нагоре.

И општините и јавните претпријатија добија неколкукратно повисоки сметки за струја. Побараа Владата да им помогне при плаќањето.

Уште во првите неколку дена, на Владата и се случи уште една криза, овојпат со парно греењето. Државната ЕСМ го презеде управувањето со топлинските компании „БЕГ“ и „Скопје Север“, откако тие алармираа дека немаат пари за набавка на гас, па не можат да испорачува топлинска енергија во Скопје, односно дека граѓаните и институциите ќе немаат парно.

Бизнисот постојано алармираше дека е пред колапс, дека фирмите кубурат со пари и дека многумина ќе стават клуч на врата. И додека стопанството бараше помош, Владата реши да им ги зголеми трошоците. Се воведе повисока минимална плата од 18 илјади денари и плаќање за работа во недела. Некои работници добија отказ, други се жалат дека не ги плаќаат во недела.

Инфлацијата фати залет, но дури откако почна војната во Украина цените галопирачки се вивнаа нагоре. Од ден на ден, на граѓаните им беше се потешко да ги следат поскапувањата. Џабе повисоките плати, кога инфлацијата им го „изеде“ животниот стандард. Редиците пред бензинските пумпи беше секојдневна слика. Горивата поскапеа, дизелот се продаваше и по 97 денари по литар.

Кон средината на март владата реши да реагира – нула проценти ДДВ за основните продукти, намалување на маржите на трговците, интервентен фонд за земјоделците, намалување на акцизата и ДДВ-то за горивата. Ефектите беа минимални. Нафтените деривати колку толку поевтинија. Поради ниските маржи, се чинеше дека на трговците не им се брзаше да ги продадат производите. За првпат по 30 години, празните рафтови во маркетите ги исплашија граѓаните. Почнаа да трупат залихи. Најосновните производи не можеа никаде да се купат. Ескалираше кризата со сончогледовото масло за јадење.

Високото ниво на цените кулминираше токму за велигденските празници.

Поради поскапувањето на сите производи и се помалата вредност на платите, очекувано, почнаа низа штрајкови. Синдикатите побараа повисоки плати, односно примањата на сите работници да се усогласот со порастот на минималецот.

Најголем удар на владата и зададе СОНК. На 11-ти април штрајк почнаа наставниците и вработените во градинките.

За пораст на платите во образованието преговорите ќе продолжат. Протестите нема да запрат ниту по Денот на трудот. НБМ ја подигна камата за да ја заузда инфлацијата, но допрва ќе видиме дали тоа е доволно. За да се обезбеди социјален мир, ќе има ново задолжување, пари кои ќе требаат да се вратат со камати. За Ковачевски и неговиот тим, првите 100 дена се само пеколна увертира во економскиот оган кој допрва ќе се разгорува.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста