КСС: Битиќи и Шахпаска одбија минимална плата од 16000 со изземање на БДП

Ќе се кренат ли синдикатите на генерален штрајк? Ова е барем најавата од Конфедерацијата на слободни синдикати која вчера била отстранета од состанокот на економско социјалниот совет. Вицепремиерот Битиќи и министерката Шахпаска се налутиле откако синдикатот побарал од пресметката на минималната плата да се исклучи падот на БДП, бидејќи се работи за кризна година. Според синдикатот, платата би надминала 16 илјади денари, додека според владата би се зголемила за само 400 денари. Синдикатот обвинува и дека со намалувањето на глобите за неисплата на минималец, на газдите повеќе им се исплатувало да плаќаат казни отколку да дадат плата. КСС прашува – зошто не се почитува членот 8 од законот со кој треба да се усогласат и колективните договори.

Во членот 8 од Законот што го циитравме пред премиерот, прашавме дали ќе го почитуваат како и членот 4 во делот на усогласувањата на Законот за минимална плата. Членот 8 во изминатите четири години не беше почитуван од страна на власта, беше игнориран. Четири години КСС бара овој член да се почитува. Ги прашавме јавно и Битиќи и Шахпаска, а тие на дрзок начин не исклучија од седницата, ни го одземаа зборот и не дадоа да разговараме врз основа на Законот за минимална плата. Затоа КСС се држи надвор од ЕСС, затоа се бараат подобни социјални партнери кои ова ќе го проголтаат. Но, ние нема да го проголтаме. Баравме БДП како параметар да не се вреднува, да биде нула за да имаме поголемо покачување на минималната плата. Затоа се одложи оваа седница. Седница ќе има следната недела, истакна Ралповски.

Министерката Шахпаска без коментар за отстранувањето на синдикалците од КСС од вчерашната седница. Сепак, кажа дека минималецот ќе се утврди врз основа на законските критериуми: една третина од порастот на просечната нето плата, една третина од порастот на трошоците за живот и една третина од порастот на БДП и никако поинаку.

 Секако дека ќе заврши процесот на усогласување на минималната плата. Вчера веќе имавме седница на Економско социјалниот совет, а во текот на следната недела ќе закажеме нова седница и ќе го испочитуваме законот и минималната плата ќе биде усогласена, рече Шахпаска.

Минималната плата во моментов изнесува 14.924 ден. Ставот на КСС е дека ниту еден работник не треба да прима минималец, туку повеќе поради минат труд, работа во смени, прекувремено, за празници и го повика трудовиот инспекторат поажурно да си ја врши работата и да ги казнува газдите кои вршат злоупотреби. Од Сојузот на синдикати на Македонија, пак, побараа минималната плата  да не изнесува помалку од 16.976,00 денари или 60% од просечната, поради зголемените медицински трошоци од 6000 денари поради изолација или лечење од Ковид-19 по работник.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста