Вашингтон без претставници во Конгресот

Иако Вашингтон е седиште на американската политичка моќ, неговите жители немаат претставници во Конгресот, ниту пак можност за носење посериозни одлуки на локално ниво поради уникатниот статус што го има како главен град.

Кога демонстрантите го нападнаа американскиот Конгрес во обид да го спречат потврдувањето на изборната победа на Џо Бајден, градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Боусер, немаше моќ да повика Националната гарда да и помогне на полицијата.

Оваа случка даде дополнителен поттик на долгогодишното движење кое бара Округот Колумбија, кој го опфаќа Вашингтон, да прерасне во сојузна држава.

Вознемирена сум што 706.000 жители на Округот Колумбија немаа ниту еден глас во Конгресот вчера и покрај фактот што нашите луѓе ги ризикуваа животите за да ја заштитат нашата демократија-рече Мјуриел Боусер, градоначалничка на Вашингтон.

Округот нема никаква автономија. За разлика од сојузните држави, локалниот буџет и закони на Вашингтон мора да бидат одобрени од Конгресот.

Жителите плаќаат федерални даноци но немаат претставници со право на глас во Конгресот.

Еленор Холмс Нортон три децении се залага Округот да добие статус на сојузна држава. Таа е делегат во Претставничкиот дом, но без право на глас.

Соединетите Држави се единствената земја која не им ги дава на жителите на својот главен град истите права како на другите-вели Еленор Холмс Нортон, делегат во американскиот Конгрес.

Нортон минатата година предложи легислатива која предвидува федералниот округ да се намали на само 5 квадратни километри, просторот околу Конгресот, Белата куќа и другите главни владини згради и споменици. Останатите 170 квадратни километри треба да станат нова сојузна држава.

Легислативата беше повторно поднесена во јануари и доби уште поголема поддршка.

Но, Републиканците во Конгресот се противат на ова. Жителите на Округот Колумбија во огромен процент ги поддржуваат Демократите, па тоа би значело дека тие би имале уште две места во Сенатот кој сега е еднакво поделен меѓу двете партии.

Републиканскиот конгресмен Дасти Џонсон вели дека жителите на Вашингтон заслужуваат да имаат претставници, но не и да бидат посебна, нова држава. Неговиот предлог е најголем дел од Округот да биде приклучен кон сојузната држава Мериленд со што нема да се додадат дополнителни места во Сенатот.

Во минатите 200 години секоја нова сојузна држава имала или 6 милиони жители или 10 илјади квадратни милји. Вашингтон паѓа и на двата теста-рече Дасти Џонсон, конгресмен.

Но, приклучувањето кон друга сојузна држава не е прифатливо за голем дел од жителите.

Ние не сакаме да бидеме жители на Мериленд. Сакаме да биде жители на Округот Колумбија. Сакаме да имаме свој глас, сакаме да бидеме 51 држава, не да бидеме припоени кон друга вели еден жител на Вашингтон.

Предлогот за прогласување на Округот во сојузна држава е повторно на гласање овој месец. Веројатно ќе помине во Претставничкиот дом, но не и во Сенатот каде Демократите имаат минимална предност.

Вашингтон е основан во 1790 година, а федералниот Округ Колумбија во кој е сместен бил формиран од територии од Мериленд и Вирџинија. Целта била ниту една сојузна држава да нема контрола на главниот град. Повеќе од 200 години подоцна, ова можеби ќе се промени, а жителите конечно ќе добијат претставници во Конгресот.

За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста