Коронавирусот ни тропа на врата – надлежните дури денеска го вклучија алармот

Засилени контроли на граничните премини, проверки на аеродромите на сите патници, но без карантин  – алармантната состојба во Италија со коронавирусот ги разбуди конечно и македонските власти. Kомисијата за заразни болести донесе одлука –  на граничните премини да се одвојат посебни простории каде ќе бидат интервјуирани сите патници  кои доаѓаат од ризичните дестинации, од страна на граничната полиција која потоа ќе ги контактира центрите за јавно здравје.

„Доколку има патници што треба да се опсервираат и да се пратат за тоа се спремни инфективното одделение во Клиничката болница во Штип, а спремни ќе бидат и инфективните одделенија во болницата во Велес и Гостивар по потреба и во зависност од тоа колку граѓани ќе треба да се опсервираат“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Здравствените власти немаат информација дали некој од Македонците кои живеат во Италија се заразени од корона вирусот. Оливера Јовановска која неодамна дојде во Македонија од Италија вели никој не ги исконтролирал.

Министерот за здравство Венко Филипче апелираше – ако граѓаните немаат итна потреба, да ги одложат патувањата за Италија. Од МНР известија дека досега нема заболени наши граѓани во Италија, а во критичните италијански региони престојуваат околу 23.000 македонски државјани.

Ања Василева 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста