Дали Зоран Заев како премиер ја злоупотребил службената положба и влијаел на Врховниот суд и Специјланото јавно обвинителство во носењето одлуки, ќе утврдува Oбвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Пратеникот Антонио Милошоски утрово и ги предаде аудио снимките и транскриптите на обвинителката Вилма Рускоска, на кои се слуша гласот на екс премиерот, односно како што тврди Милошоски, како Заев носел одлуки во име на Врховниот суд и на СЈО, поточно се договарал со Катица Јанева и Јово Вангеловски.

-Она што го поседував како материјал, транскрипти аудио снимки поврзани со поранешниот премиер Заев каде што експлицитно се слуша неговиот глас и разговара за влијание во обвинителството и судството, го предадов на обвинителката Рускоска. Направивме записник како и минатиот пат и од нејзина страна беше спомнато дека истиот ќе го обработуваат за да видат која е неговата релевантност – изјави Антонио Милошоски од ВМРО ДПМНЕ.

Милошоски кажа дека снимките ги добил од анонимен свиркач, тврди дека се што имал предал во Обвинителството. Разговорот бил сниман во Влада, во мај 2019 година, а на состанокот освен Заев биле присутни еден обвинет во Рекет и уште едно непознато лице, тврди Милошоски, и посочува дека средбата може да се потврди со прегледување на снимките од безбедносните камери во Владата. Вчера во емисијата „Што не е јасно“, пратеникот на опозицијата посочи дека првата снимка што ја објави во Собранието ја добил на диктафон, а втората која ја објави од партиското седиште му била доставена со мобилен телефон на кој немало никакви други податоци.

Обвинителството на Рускоска сега треба да утврди дали двата аудио записи на кои се слуша гласот на екс премиерот Заев се доволна индиција да отвори предистрага. На првата снимка според толкувањето на Милошоски, Заев зборува дека знаел како се финансира 1 тв, провладината телевизија како што ја нарече Заев, а зад која стои Боки 13, обвинет за Рекет и нелегално финасирање на невладината Меѓународен сојуз. Во втората снимка според пратеникот, Заев договара обвинителско сдуски одлуки.

Катерина Гетева