Корона вирусот влезе и во СЕП – блиски соработници на Османи позитивни на Ковид -19

Двајца ковид позитивни во Секретаријатот за Европски прашања. Неофицијално станува збор за лица од блиското окружување на вицепремиерот Бујар Османи – едниот бил член на неговото обезбедување, а другиот задолжен за фотографија на официјалните настани на институцијата. Информацијата оти вработени во Секретаријатот се позитивни на корона вирус ја потврди лично Османи. Вели и двајцата се во изолација.

„Двајца вработени во СЕП се позитивни. Истите се без симптоми и во изолација. Сите контакти се тестирани и се негативни, но сепак се во изолација. Јас и покрај тоа што не сум бил во доволна близина со нив сепак се тестирав и резултатот е негативен“, вели Османи за Алфа.

Османи вели оти работата во Секретаријатот продолжува да тече, а тимот кој е намален поради колегите кои се во изолација, ќе се реорганизира.

Извори од СЕП за Алфа велат оти таму не се почитувале целосно мерките за заштита од корона вирусот – просториите не биле дезинфицирани, вработените работеле без пропишаното растојание од два метри, без маски и дезифициенси. За ова пред некој ден алармираше лично заменичката во Министерството за администрација, Невенка Стаменковска.

Неофицијално, дознаваме и дека државниот секретар во СЕП, Калинка Габер иако била на состанок со директорката на УЈП, Сања Лукаревска, сепак доаѓала на работа, наместо да седи во самоизолација.

Инаку, пред три дена токму пред СЕП се одржа настан за примопредавање на медицинска опрема од ЕУ, на која присуствуваше и евроамбасадорот Жбогар, но и голем дел од вработените кај Османи.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста