Кој го загадува Скопје? – Поповска: на луѓе од институциите им одговара да продолжи увозот на отпад

Во државните институции има луѓе кои се заинтересирани да продолжи бизнисот со увоз на опасен отпад – обвини Лилјана Поповска од ДОМ, која ги покрена законските измени кои предвидуваат забрана за увоз на отпад што се користи како енергенс во производството. Таа им порача на пратениците да ги изгласаат измените наредната недела, бидејќи во земјава нема адекватна контрола како во другите држави и не смее да се ризикува.

Од Владата уверуваат дека во моментов не се внесува отпад кој се складира, туку само оној кој се преработува. Заменикот министерот за животна средина уверува дека увозот на ваков отпад бил намален, а во 2018-та воопшто и го немало.

Од Цементарница Усје велат дека прстот не требал да се вперува кон нив. Точно било дека тие употребуваат гориво добиено од комунален отпад од Италија и од оризова арпа од Кочани, но штетните честички кои излегувале од фабриката биле многу пониски од законските лимити.

Лани фабриката увезла 4.400 тони алтернативно гориво. Тврдат дека целиот процес е предмет на контрола од земјата од која се увезува, преку транзитните држави, па се до крајната дестинација. Додека фабриките и власта уверуваат дека е подобро отпадот да се користи како алтернативно гориво отколку да се складира на депониите, екологистите едвај чекаат пратениците да го забранат увозот.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста