Катица Јанева од затвор секој ден ќе оди на работа во адвокатска канцеларија на синот

Катица Јанева од затвор секој ден ќе оди на работа во адвокатска канцеларија на синот

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева се вработила во адвокатската канцеларија на нејзиниот син Лазар Јанев. За новото вработување Јанева која беше осудена на седум години затворска казна во судскиот предмет Рекет, се пофали на социјалните мрежи.

Од Управата за извршување санкции велат дека Јанева ја добила оваа привилегија пред околу еден месец, согласно Законот за извршување санкции поради тоа што има отслужено 5 од вкупно 7 години затворска казна.

Платата која што ја заработува Јанева оди на сметка на затворот Идризово, а директорот Јовица Стојановиќ вели дека заедно со екс специјалната обвинителка има уште околу 100 осдудени лица кои излегуваат дневно од затворите со ваков третман.Тие одат на работа секој ден, а навечер се враќаат во затворот.   

Тоа го потврдува и синот, Лазар Јанев, кој ја вработи мајка му во неговата автокатска канцеларија. Лазар Јанев беше вработен како менаџер во поранешната телевизија 1ТВ на шоуменот и водител Бојан Јовановски алијас Боки 13, кој беше осуден во случајот „Рекет“, исто како и специјалната обвинителка Катица Јанева.

Во 2021 година Боки 13 беше осуден на 9 години затвор за примање награда за противзаконско влијание и за перење пари, а Јанева на 7 години за злоупотреба на службената положба и овластување како специјална јавна обвинителка.

Јанева ја издржува казната во КПУ Идризово, каде што по извесно време од издржувањето на казната беше вработена како библиотекарка во затворската библиотека.

Според нејзиниот фејсбук-профил Јанева користела викенд-отсуство од затворот од петокот 9 февруари и го прославила својот 59. роденден во домашна атмосфера.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста