Нема „зима“ за „Бехтел и Енка“: Нови 250 милиони евра народни пари и годинава ќе легнат на сметка на компанијата

Нема „зима“ за „Бехтел и Енка“: Нови 250 милиони евра народни пари и годинава ќе легнат на сметка на компанијата

Нова транша од дури 250 милиони евра од државниот Буџет ќе добијат „Бехтел и Енка“ и во 2024 година за изградба на автопатите од Коридорите 8 и 10Д. Според Програмата за финасирање на патна инфраструктура за Проектот Коридор 8 и Коридор 10Д за 2024 година, а која стапи на сила на 26-ти месецов, парите ќе се трошат за „капитални индиректни трошоци, односно на трошоци кои се задолжени од странски изведувач и се во функција на поддршка на градежни активности“.

   „Тоа вклучува асистенција од специјалисти за технички, комерцијален и управувачки капацитет за надгледување на проектот и надгледување на активностите на проектот од персонал од главната канцеларија на изведувачот; изработка на проектна документација за изградба на автопатиштата, проектирање и изведба на дислокации на подземни и надземни инсталации, подготвителни градежни активности на траса; градежни активности за изградба на траса, геомеханички истраги, геодетски работи, обезбедување на канцеларии и други потреби за надзорот и друго за патните правци: Делница 1, Тетово – Гостивар; Делница 2, Гостивар – Букојчани; Делница 3, Требениште – Струга – Ќафасан; и Делница 4, Прилеп – Битола“, се наведува во Програмата.

  Ова не се први големи државни пари испумпани за контоверзниот Проект. Лани во април Министерството за транспорт и врски од државниот Буџет му исплатило на ЈП за Државни патишта 117 милиони евра, а во јуни уште 53,33 милиони евра, средства кои потоа завршија на сметката на Конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на двата коридори, така што досега на „Бехтел и Енка“ вкупно им се исплатени повеќе од 170 милиони евра. Притоа, при исплатата на вторатат транша, која според Програмата за 2023 година требаше да изнесува 50 милиони евра, Министерството исплатило дури три милиони евра повеќе од претходно предвиденото, што пак, повторно го отвора прашањето – дали навистина изградбата на овие коридори вкупно ќе чини 1,3 милијарди евра или пак, многу повеќе, ако се има предвид фактот што и годинава на „Бехтел и Енка“ треба да им се исплатат уште околу 250 милиони евра ?!

   Од друга страна пак, освен континуираната уплата на енромно високите суми на сметка на Конзорциумот, на терен како ништо значајно да не се случува. Главно, останати се само „дупките“, помпезно откриените табли со мавтање на зелени знаменца и се’ уште празните градилишта, ама и оптимизмот на Владата дека овој проект, вреден фрапантни 1,3 милијарди евра – ќе го биде.

   „Овој проект продолжува и сите влади, а следната Влада секако ќе биде истата која што е и оваа денес, ќе го заврши овој проект, ќе ги пресече лентите и сите граѓани ќе се возат по нив….“, – кажа Артан Груби, екс прв вице-премиер (12.05.2023).

   Инаку, од достапните јавни информации, во Извештајот за досега сработенето се вели дека засега се работело само на проекцијата за тоа како ќе се изведе експропријацијата и дека се врши геотехничкото испитување на теренот, а биле завршени и други предградежни активности и спецификации.

                                                                                                        Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста