Како ќе спасуваат докторите кога и тие не се заштитени ?

Има разлика. Првата борбена линија – белите мантили во земјава оставени сами на себе, без основна заштита против корона вирусот. Додека бројот на заболени расте – маските и ракавиците се штедат, тврдат за Алфа здравствени работници кои секојдневно ни алармираат. Велат заштитни мантили и скафандери добиваат само оние кои се во директен контакт со заболените.  Барем, ваква е сликата во државните болници и амбуланти. И приватните ординации се во ист кош.

“Општите ординации се оставени сами на себе, без елементарна заштита, никаква помош во ресурси, НИКАКВА! Свесни ли сте што ќе се случи ако ние колабираме и почнеме да затвораме ординации? Пари не бараме, бараме дезинфициенси, маски, ракавици, или ние не сме дел од здравствениот систем? ” – вели Ненад Лазаров, лекар.

Како најважните, докторите, да се борат со непознат противник кој секојдневно не уништува, без заштита? И јавните личности отворено зборуваат.

“Вчера мојот сопруг напиша статус дека нема маски. Во 11 часот навечер му се јави директорот на болницата и му нареди да го избрише статусот. Ова што се случува е срамно. Тие што треба да не спасуваат се борат со голи раце со вирусот и им се закануваат кога ќе ја кажат вистината.” – напиша Ребека на фејсбук.

Но не е само заштитата проблем. Нема респираторни апарати во клучното жариште- Дебар, вели за Алфа поранешниот министер за здравство Таравари.

“За жал здравствениот систем во македонија е лош. Освен Скопје другите клиники и болници во другите градови се само импровизација. Еве конкретно Дебар – нема ниту една респираторна машина. Во Македонија има само 120 респираторни машини и плус од приватните клиниики уште 100тина но Филипче знае подобро. Но и 120 се малку ако се случи компликација кај повеќе заразени“ –  тврди за Алфа, поранешниот министер за здравство Арбен Таравари.

Досега двајца доктори и две медицински сестри од Дебар се позитивни на корона. Новинарите упорно го прашуваат Филипче, и речиси секогаш неговиот одговор е  дека здравствените работници се заштитени.

Ања Василева 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста