Каде е Кастриот Реџепи-Опозицијата алармира за притисоци, закани и уцени

Лична волја, пари или закани и уцени стојат зад одлуката на Кастриот Реџепи, да не се појави во Собранието и да гласа за пад на Владата? Во јавноста постои сомнеж дека второ сценарио е вистинската причина. За такво нешто предупредува и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски. Според него сомнително е што Реџепи е логиран од својот Фејсбук профил во Бугарија, државата каде семејството Заеви има бизниси.

Заев има пари и фирми и имот во Бугарија. Кастриот Реџепи е логиран на ФБ во Бугарија! Дали е однесен, пренесен, превезен, натоварен, убеден, уценет или присилен, знаат само Заев, ДУИ и Тој-рече Антонио Милошоски-пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

И генералниот секретар на Беса, Аријанит Хоџа, партијата од каде доаѓа Реџепи, се сомнева во причините за промената на ставот на пратеникот. Вели дека заканите и уцените се доказ кој во моментов владее во Македонија.

Закани, уцени или други форми на влијание се показатели за режимот кој е наметнат врз волјата на народот. Дури и против сите, Движењето БЕСА ја продолжува борбата. Да чекориме по нашиот свет пат за да ги победиме навредите!-рече АРријанит Хоџа- генерален секретар на БЕСА.

Новите неочекувани случувања, во Собранието го донесоа и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Тој го спореди Реџепи со покојниот Амди Бајрам, кој во минатото стори сличен потег како и пратеникот на БЕСА, кога требаше да се бутне тогашната Влада на Љубчо Георгиевски.

Сега ќе дојдам, на часови на факултет бев досега, на лице место да ја дознаам вистината што се случува. За современиот нека му е лесна земја Амди Бајрам, изјави Мицкоски.

Мицкоски претходно предупреди дека се вршат притисоци врз пратеници, да ја променат својата одлука ,и да не гласаат недоверба на Владата, што и се случи на крајот.

Уште во текот на вчерашниот ден се прават жестоки притисоци врз дел од овие луѓе, кои што се потпишани своерачно во оваа иницијатива и со свои потписи, но сега засега немам информации дека некој би се поколебал или би излегол од овој документ, изјави Мицкоски.

Кај дел од колегите на Кастриот Реџепи постои сомнеж, дека тој бил платен за да направи ваков потег. Еден од нив е и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковски.

Колегата Кастриот Реџепи не дојде на седница, веројатно е отиден пред ДКСК да пријави промена на имотна состојба…-изјави Игор Здравковски -пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Во својот Фејсбук статус, Реџепи напиша дека бил контра оваа Влада, но не сакал да учествува сега во нејзиното буткање, бидејќи размислувал за европската иднина на земјава. Лидерот на Беса и нов градоначалник на Тетово, Билал Касами, исто така дојде во Собранието да види што се случува, кратко велејќи дека не е изненаден од потегот на Реџепи.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста