Опозицијата поднесе корегирана иницијатива за недоверба на владата без потписите на Левица

Иницијативата за гласање на недоверба на актуелната влада која утре ќе се најде на собраниска седница стигна технички корегирана со помал број на потписници. По реакциите на Алтернатива дека нема да гласаат доколку на барањето стојат потписите и на пратениците на Левица, до собраниските служби попладнево е стигнато дополнение на постоечката иницијатива на која потписите ги повлекле 17 потписници меѓу нив и на Димитар Апасиев, но на утрешното гласање за недоверба ќе гласаат сите како мнозинство со 61 пратеник.  Според пратеникот Антонио Милошоски деловникот предвидува таква опција за да се вметнат забелешките на сите потписници на истата.

Собранискиот спикер Талат Џафери молчи – дали ќе ја прифати измената на веќе поднесената иницијатива. Но во последната дадена изјава за ТВ 21 вели дека за него јасни биле роковите согласно деловник кои веќе течат, се до утрешната закажана седница по иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ.

-Јасни се процедурите. Има седница закажана во четврток. Седницата мора да има епилог. Епилогот може да биде, се гласа недоверба – паѓа Владата, не се гласа недоверба – не паѓа Владата. После тоа наредните 90 дена не може да има повторно гласање за недоверба. Затоа е даден рок од 90 дена. Процедурата е отпочната, ако се повлече сега барањето за гласање на недоверба на Влада, нема право наредните 90 дена за повторно барање за гласање на недоверба – вели Џафери.

По неколкудневните калкулации од Алтернатива на Африм Гаши потврдија дека сите несогласувања се надминати и утре ќе гласаат за пад на владата на Заев.

Доколку биде изгласана недоверба на Владата, тоа ќе значи дека во законодавниот дом ќе има ново парламентарно мнозинство. Според Деловникот и Уставот, шефот на парламентот го информира Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, кој потоа има рок од десет дена да му го додели мандатот на политичар од новото мнозинство што ќе го изберат од најмногубројната партија или нејзината коалиција, кои го иницирале гласањето на недовербата. Според Уставот, новиот мандатар ќе има рок од 20 дена по добивањето на мандатот на Собранието да му поднесе програма и предлог за составот на новата влада. По ваквата ситуација се отвораат две опции – да се состави нова влада што ќе функционира до 2024 година или да се создадат услови за распишување предвремени парламентарни избори во Македонија.

Ако биде изгласана недоверба на Владата, постои можност да се избере и нов мандатар, кој би оформил техничка влада во траење од 100 дена, до денот на одржување на предвремените парламентарни избори.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста