Каде е Кастриот Реџепи и од кого се крие? – Преку Фејсбук најави дека во понеделник ќе објаснел што се случило

Пратеникот на БЕСА, Кастриот Реџепи кој, според неговите партиски колеги се уште се води како исчезнат и кој не се појави во Собранието на договореното гласање недоверба на Владата ќе се обрател пред медиумите во понеделник. Ова тој го најави преку статус на социјалната мрежа Фејсбук.

„Следниве денови ќе имаме можност подиректно да ве информирам за сѐ. Во однос на медиумите и интересот, ги разбирам и ги информирам дека мојот прв настап ќе биде во понеделник преку прес-конференција. На крајот апелирам до раководството на Движењето БЕСА да не презема забрзани чекори кои ќе им наштетат на нашите структури и активности“, напиша Реџепи на неговиот приватен профил на Фејсбук.

Од БЕСА се уште немаат информација каде е пратеникот Реџепи, но не ја исклучија можноста тој да се соочи со санкции во партијата доколку се утврди оти сам го сменил ставот.

Пратеникот на БЕСА Кастриот Реџепи не се појави на вчерашното гласање во Парламентот, што предизвика бурни реакции и отвори низа сомнежи во јавноста. Тој прво преку статус на Фејсбук рече оти се одлучил да не дојде во Собранието бидејќи сакал да им даде шанса на евро интеграциите за Македонија. Опозицијата отвори сомнеж дека Реџепи можеби е киднапиран, а лидерот на БЕСА, Билал Касами го пријави за исчезнат во полициска станица. Од МВР за Алфа само кусо одговорија оти пријавата ја добиле во 17 часот и оти по неа се постапува.

За познавачите, токму завчерашната посета на холандскиот премиер Марк Руте била причина за пресврт во ставовите на Реџепи. Поранешниот собраниски спикер Тито Петковски, во изјава за Слободен печат, вели дека посетата на Руте на Македонија не била случајна.

„Во овој момент алармот ја крена совеста на членките на ЕУ. Не случајно дојде холандкиот премиер Руте. Самото негово присуство покажа дека нешто позитивно се случува во ЕУ, но секако се и исплашени да не тргне работата на друга страна. Ако не добиеме датум на отпочнување преговори ќе има повторно разочарување, но ЕУ се мобилизира“, рече Петковски.

Врските на Реџепи со Кралството Холандија се неспорни, особено поради фактот дека токму тој цели 12 години работел во Амбасадата на Македонија во Холандија.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста