Јагленокопите во “Суводол“ поплавени, нема дотур на јаглен во РЕК “Битола“

Од вчера, на јагленовата депонија во РЕК “Битола“ нема дотур на јаглен од јагленокопите на рудникот “Суводол“. Се трошат малите резерви и поради тоа, работи само еден термо- блок. Причина за ваквата состојба се големите врнежи на дожд од претходните три дена, незапамтени во последните дваесет години, како што рекоа од РЕК во вчерашното соопштение, кога надојдоа околните суводолици и ги наполнија јагленокопите со вода. Сега, таму е заробена моќната механизација со багери и друга опрема, а некои преносни ситеми се под вода и веројатно оштетени.

Впрочем, колкави и какви штети има во “Суводол“ допрва ќе се утврдува, оти претходно, како што се најавува од Комбинатот, ќе се испумпува водата. Овие дождови, невообичаени за овој период на годината, претходно предизвикаа уште две поплави, што отвора повеќе дилеми, што и како се случува во “Суводол“ и дали можеа да бидат спречени последиците од невремето кои ќе донесат големи штети за РЕК “Битола“ и за Државните електрани.

Според наши информации од вработени во Комбинатот, во плановите, трите термоблокови заедно  требало да работат од 15 јули, но поради дефицит на јаглен од претходните поплавувања, работи само еден термо- блок. Кога и како ќе се отстранат штетите, , дали некој ќе биде повикан на одговорност за ваквите состојби во рудникот, допрва ќе се знае. Згора на с`е, во рудникот “Брод- Генотино“ е слична состојбата, како што се вели во соопштението, а таму се копа јаловина и по санацијата на штетите, ископ на јаглен ќе започне дури од идниот месец.

Ако за последните неколку дена во овој регион наврнаа над стотина литри вода по м2, реално е да се запрашаме, колку се подготвени ободните канали за одводнување во рудникот “Суводол“ за да ги примат катастрофалните води. Вака, останува уште да се запрашаме, што ако вакви врнежи се појават за време на грејна сезона кога реално, ноември и декември се многу поводоносни од јули и август, кога во рудникот се случија три поплави.

Петар Стефановски

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста