Извештај на ОН: Бугарија да ги преземе сите мерки за гаранција на правата на македонското малцинство

Извештај на ОН: Бугарија да ги преземе сите мерки за гаранција на правата на македонското малцинство

Бугарија да ги преземе сите мерки за гаранција на правата на македонското малцинство, се вели во најновиот Извештај на Обединетите нации. Од Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации, изразуваат загриженост поради членовите на македонските малцински групи во Бугарија, каде им е забрането правото на собир и здружување. Официјалната позиција на Бугарија е дека не постои македонско малцинство на нејзина територија, а со посебна декларација во Европската Унија изјави дека не го признава македонскиот јазик.

  • Комитетот го зема предвид објаснувањето дадено од делегацијата на државата членка дека сите нејзини граѓани имаат право на самоидентификација, вклучително и Македонците и Помаците. Сепак, Комитетот е загрижен поради извештаите дека на членовите на македонските малцински групи им е забрането слободното остварување на правото на слобода на собирање и слобода на здружување“, се вели во забелешките за Бугарија.

Извештајот нотира дека „Комитетот изразува жалење за постојаните пречки и напорните барања за регистрација на граѓански организации и пријавеното одбивање на регистрација на македонските здруженија од страна на Агенцијата за регистрација и од судовите, врз основа на нивната македонска самоидентификација“.

  • Комитетот препорачува државата членка да ги разгледа сите можни средства за гарантирање на ефективно уживање на човековите права од страна на лицата кои припаѓаат на етничките малцинства, вклучително и македонските и помачките малцински групи, вклучително и преку спроведување на релевантните пресуди на Европскиот суд за човекови права, релевантни на правото на слобода на изразување и слобода на здружување“, стои во најновиот извештај.

Комитетот ја повика Бугарија да ги елиминира сите бариери за регистрација на малцинските здруженија и да преземе мерки за поттикнување на нивните активности и соработка со нив. Внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, пак, е услов за државата да ги продолжи пристапните преговори со ЕУ по завршување на скринингот.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста