Иако отвори предмет Антикорупциска сега не знае дали ќе постапува за Рашковски

Антикорупционерите не знаат дали ќе постапуваат за предметот со Драги Рашковски, односно за јавната набавка за инсталација на АТМ системот за управување со воздушниот сообраќај, но и која е улогата на генералниот секретар на Владата за набавка за истиот. Предметот го отворија во август, за 6 месеци подоцна без конкретно да кажат дали ќе имаат и понатаму улога во расчистување на истиот.

Претседателката на Антикорупциска вели дека ревизорите си ја завршиле работата во МНАВ, па сега ги чекаат податоците од ревизијата, но можно е ДКСК заради тоа што обвинителството отворило истрага да се повлече.

Алфа се обиде да добие одговор од Обвинителството до каде се со истрагата, но од таму нема информации. Инаку од обвинителството за организиран криминал уште во септември отовори истрага за спорниот тендер кој тежи 7 милиони евра.

Случајот за набавката на радарски систем во М-НАВ и улогата на Драги Рашковски излезе во јавноста кога на руска социјална мрежа беше објавен разговор од кабинетот на владиниот генерален секретар. Потоа следуваше уште една снимка, објавена на Јутјуб. Авторите на снимките, но и дел од јавноста тврдеа дека аудио материјалот е доказ дека Рашковски постапил незаконски кога се вмешал во постапката за набавка на радарски систем за М-НАВ и дека извршил низа незаконски дејствија, како средба со една од фирмите пред таа да биде формално избрана, односно италијанската фирма Леонардо. Рашковски не негираше дека снимките се од неговиот кабинет, но тврдеше дека неговите активности биле со цел да се забрза постапката која се одложувала веќе две години и за тоа имал задолжение донесено на владина седница. Според генералниот секретар, во прашање била безбедноста на македонското небо. Оваа верзија ја потврди и сега екс премиерот Зоран Заев. Рашковски се закануваше и со тужби за новинарите кои ја објавија оваа афера.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста