Героски: Дали Ден Дончев со Кичеец изрекетирал 824.000 евра од сопственичката на Диамед?

824.000 евра рекет земал екс директорот на ФЗОМ, Ден Дончев од лице блиско до поранешната сопственичка на „Диамед“, објавува порталот Плусинфо. Парите во име на Дончев ги земал Зоран Милески Кичеец, веќе осуден во друг случај за изнуда на 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев, заедно со Боки 13. Дончев и Милески од оштетените извлекле пари по три основи, донација за МПЦ, предвремена исплата на фактури и рати за дијализни услуги кои се вршат на товар на Фондот. Новите докази, според порталот веќе се во обвинителството.

„ Откако обвинителката Вилма Русковска потврди дека против Дончев се води истрага, стана јасно дека неговата одлука да ја напушти директорската фотелја во ФЗОМ сепак е политичка и веројатно има врска и со „Рекет 2“, но и со новите докази за рекетот поврзан со него. Овие нови докази, биле дадени на увид на обвинителите и се толку сериозни, што лидерот на СДСМ Зоран Заев веројатно проценил дека со една таква нова афера на вратот и со Дончев слободен, па уште и на директорска позиција, нема што да бара на избори“, пишува новинарот Бранко Героски кој прв ја обелодени аферата.

Според извори на новинарот, рекетарите од правни субјекти кои даваат здравствени услуги на товар на Фондот, наплаќале и по 2 милиони евра на годишно ниво. Наплатата била во кеш на рака, а парите потоа се носеле на соодветните адреси.

Аферата, Рекет 2, лани во септември ја обелодени токму новинарот кој тогаш тврдеше оти поседувал цврсти докази дека Дончев, заедно со првиот човек во здравството Филипче, се обиделе да ја спречат продажбата на македонската фирма за дијализа „Диамед“ на шведскиот инвеститор „Дијаверум“. Министерот одби да го коментира случајот.

„Имаше едно обвинение кое што го добивме од сопствениците на еедна од дијализите. Со оглед на тоа деека е дадено во институциите, не би коментирал ништо, може од таму да побарате“, рече министерот Венко Филипче.

Инаку, за случајот „Рекет 2“ кривична до Обвинителството поднесе и сопственичката на „Дијамед“, Вера Иванова. Од Јавното обвинителство за Алфа посочија оти истрагата е во тек, а надлежен јавен обвинител веќе сослушувал сведоци за овој случај.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста