Масовна узурпација на државно земјоделско земјиште во прилепско Канатларци
Над 500 декари државно земјоделско земјиште во прилепското село Канатларци, кое со децении се користело како пасишта за над 10.000 овци и за кое селаните уредно си плаќале пашарина, деновиве е мета на невидена узурпација од неколкумина мештани. Кантларчани обвинуваат дека станувало збор за луѓе блиски до власта, кои ноќе, во време на полициски час, со трактори ги орале парцелите.
Уплашени дека нема да имаат каде да ги напасуваат овците, кои им се и егзистенција, тие се пожалија и на незаинтересираноста на општината.
Некои од нив пак, лути се и гневни на властите, бидејќи аршините за казнување биле различни.
Од ПЕ на Министерството за земјоделство, ни потврдија дека во Канатларци има проблем со узурпацијата на државното земјоделско земјиште, но според раководителот Зоран Пачешкоски тоа траело со години и дека проблемот не бил во нивна надлежност, туку на Инспекторатот за земјоделие, кој пак веќе бил известен од страна на Подрачната единица. Пачешкоски, исто така ги отфрли и обвинувањата дека ноќните орања на пасиштата биле со амин на Општината, нарекувајќи ги шпекулации.
Каролина Дурло