ЕУ не испорача проширување, Бугарија продолжи да блокира, Радев бара Македонија да го смени Уставот

Нов студен туш од Софија – Бугарија нема да отстапи од своите барања, ниту пак ќе дозволи брзо решение на спорот со Македонија. Ваква порака бугарските власти испратиле до земјите членки на ЕУ преку изјава поднесена до Советот на Европа, посочувајќи дека односите меѓу двете земји се во „деликатна фаза“.

Во документот приложен од страна на бугарската делегација во ЕУ, Софија најавува дека ќе го поддржи усвојувањето на преговарачката рамка само доколу во неа биде вклучена имплементацијата на Договорот за пријателство и добрососедство.

Дополнително, Бугарија најавува условување со контроверзните историски ликови, олеснување на бугарските инвестиции во Македонија, Коридорот 8 и прекин за барањето за признавање на „македонско малцинство“ во Бугарија кое таа го смета за неосновано. Во документот Софија споменува „говор на омраза“ против бугарски граѓани во Македонија. Спорот околу името, исто така, останува еден од условите. Бугарија бара Македонија да се именува исклучиво со долгото уставно име за да се разликува од истоимениот регион.

Бугарскиот претседател Румен Радев, во интервју за „ЕУрактив“ порача оти Македонија ќе треба да го смени Уставот и да го признае бурарското малцинство во земјата. Тој, повикувајќи се на ЕУ, ја обвини Македонија дека не ги почитува човековите права на Бугарите.

„Дискриминаторскиот однос кон македонските Бугарија се врши со децении. И тоа мора да сопре. Денеска повеќе од 120.000 македонски граѓани имаат исто така и бугарско државјанство. Тие не се само бугарски граѓани, туку и граѓани на ЕУ, а тоа значи многу кога зборуваме за човековите права“, порача Радев.

Новиот бугарски премиер Кирил Петков неодамна порача дека Бугарија ќе понуди нов циклус на надминување на несогласувањата со Македонија и даде оптимистичка прогноза дека спорот би можел да се реши во следните шест месеци. Македонскиот претседател Стево Пендаровски пак пред два дена посочи дека бугарските предлози биле прифатливи, но периодот од шест месеци за изнаоѓање на решение бил премногу долг.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста