Ново купување време, наместо нови избори

Власта си купи нови шест месеци време за тактизирање со Бугарија и одбегнување на нови избори. Ако прво причина беа изборните соочувања во двете земји, па случувањата со иницијативата за доверба на владата и пазарењата со Кастриот Реџепи каде Заев успеа да си купи време од еден месец, сега на ред е нов период од шест месеци во кој Заев му направи простор на новиот премиер Ковачевски да преговара и да се договара со Бугарија.

По Османи и Груби и премиерот во заминување Заев потврдува дека испорачани се одговори до Бугарија за надминување на недоразбирањата без да конкретизира на што се согласила Македонија.

– Знаејќи дека на 13-ти се формираше новата бугарска влада не можете да очекувате на 14-ти Советот за општи работи каде што присуствуваат министрите да донесат одлука. Јас навистина не губам надеж дека новата бугарска влада со помош на претседателот Радев ќе ги дадат позитивните реакции. Конечно имаме дадено наши одговори и верувам дека се надминати сите недоразбирања. Ако остануваат детали ние сме на располагање како држава, под раководство на идниот премиер да ги допрецизираме и да ги разговараме, рече Заев.

Дека власта одбива било какви избори во услови кога повторно извисивме за ЕУ и не ги исполни клучните ветувања за граѓаните, потврдува и министерот за внатрешни Оливер Спасовски.

Заев откако синоќа му ја предаде партиската фотелја на неговиот наследник Димитар Ковачевски на чело на СДСМ, изјави оти очекува неговиот наследник Ковачевски да биде идниот премиер, а прв негов успех да биде добивање датум од ЕУ. Опозицијата инсистира на предвремени избори, по сите турбуленции во Парламентот за да се обезбеди мнозинството и лажните ветувања дека тоа ќе обезбеди сигурен датум за почеток на преговори.

Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека во ваква ситуацијата кога државата има разрушен систем, предвремените избори се единствено решение.

– Не е европска вредност и дипломатија ако коленичите, туку треба да покажете став и да се држите до црвените линии. Треба да работите и дома да има ниско ниво на криминал, а не да ви фаќаат по еден тон дрога како се шверцува, да може да има инвестиции, економија која оди напред, компетативно образование, реформиран здравствен систем, нагласи Мицкоски.

А новата бугарска влада брзо менува ставови. Новиот премиер Кирил Петков најави дека во следните шест месеци е периодот за конечно решение на спорот, но брзо по ваквата изјава коалиционите партнери побрзаа да го исправат оти и покрај сите отстапки, ставот кон Македонија не може да биде променет.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста