ДКСК: Директорот на Агенцијата за филм упорно ги крие документите како се делеле државните пари за проекти
Бојан Лазаревски платил казна зашто не ги доставил бараните документи до Антикорупциска и пак не ги доставил. Директорот на Агенцијата за филм, за кого Комисијата бара и кривична одговорност одбива да ги предаде записниците во кои е наведено на кој начин се доделувале државни пари за проекти.
- „Заради целосно утврдување на фактичката состојба во врска со поднесената пријава и во однос на постоењето на судир на интереси, ДКСК достави барање до Агенцијата за филм за обезбедување на документација и податоци по која одговорното лице не постапи ниту во определениот рок ниту по истекот на истиот односно не ги достави бараните информации и документација“ констатираше Ивановска – претседател на ДКСК.
Бидејќи не ги добиле потребните документи Антикорупционерите беа приморани да ја запрат иницијативата за утврдување судир на интереси кај рецезенти, финансиски советник и членови на Управниот одбор.
- „Од причини што до ДКСК не беа доставени бараните податоци за овие две лица не беа обезбедени сите релевантни докази за правилно и целосно утврдување на фактичката состојба затоа ДКСК не утврди дека овие лице се опфатени под поимот службени лица од членот 8 опфатени под законот за корупција и судир на интереси“ вели претседателката на ДКСК,Билјана Ивановска.
Антикорупционерите велат дека им се врзани рацете, законот во случајов е на страна на корумпираните зашто се додека плаќаат парични глоби може да продолжат да ги кријат документите, а Комисијата нема начин како инаку да дојде до нив.
- „Директорот си продолжува со неговиот неодговорен однос за недоставување на потребни податоци, си ја плаќа казната, и повторно не доставува, така што кога на последната седница на службени лица кои што си ги плаќаат казните а не доставуваат документи сигурно ќе биде и тој на списокот“ додава Ивановска.
Антикорупционерите изразија сомнежи и околу конкурсот за назначувањето на Лазаревски. Директорот пак велеше дека е изнендаден и шокиран од обвинувањата на институциите бидејќи очекувал пофалби за неговата работа и наводниот успех што го постигнал.
Но, во директорувањето на Лазаревски криминал гледаат и бројни филмски работници. Режисерот Милчо Манчевски обвини дека Агенцијата е претворена во дувло на криминал и неспособност, додека пак, режисерот Јани Бојаџи алармираше дека се финансираат проекти само на уметници подобни за власта.