Дали граѓаните ќе веруваат и ќе ги признаат бројките од пописот?

Постојат сериозни индиции граѓаните да не веруваат и да не ги признаат бројките од пописо,т кои ќе бидат објавени за една недела, смета социолот Илија Ацески. Пензионираниот универзитетски професор, смета дека постојат голем број причини за ваков расплет по 30-ти март. Пред се тука споменувајќи го бојкотот, но и политичката дамка која уште на стартот ја доби оваа операција.

-Кога ќе влезе еден политички, една политизација, партизација на чинот на пописот е тоа е ова што ние денеска го добиваме. Ние можеме да веруваме во тие резултати, но има доста индиции да не веруваме. Од фактот што барем колку што можеме да следиме имаше повик за бојкот, па не беа сигурни дали се сите претпоставки да се реализира еден нормален, објективен попис. Сето тоа сега влева едно сомнение дека тие резултати се доста сомнителни, изјави Ацески.

Според Ацески уште поголем сомнеж околу валидноста на овој попис фрла и самата изјава на директорот за Заводот за статистика Апостол Симовски, дека ќе бил државен непријател број еден по објавувањето на резултатите.

-Таа изјава на директорот мене лично многу ме изненади, не знам прво кој би бил незадоволен, кој тоа него ќе го прогласи за непријател. Тоа е само по себе дека човекот прави еден гест кој не оди во прилог на тоа да се верува дека овие резултати се во ред, мислам да не живееме во таа илузија, изјави Ацески.

Останува отворено прашање кој на крајот ќе биде незадоволен, дали Македонците, дали Албанците во Македонија или некој трет. Засега незадоволство изрази првиот вицепремиер Артан Груби, но не од евентуалните резултати, туку од изјавата на Симовски. Покрај тоа Груби се заблагодари и на политичари од регионот кои агитирале да се попишуваат Албанците.

-Има неколку изјави на директорот на Заводот, кои се за жалење. (Што сакаше да каже со тоа?) Јас знам, но ќе оставам тој да објасни. Нема потреба од вакви драми во општеството. Јас сакам да ви се заблагодарам за сета помош при процесот за спроведување на пописот, бидејќи навистина направивте извонредна работа. Секој ден од пописот водевте кампања, и со дијаспората. Сите кои придонесоа, вклучувајќи го и премиерот Еди Рама, Албин Курти и сите министри кои беа дел од кампањата, изјави Груби.

Ацески вели ако овој попис е реален директорот на Статистика нема зошто да вели дека е државен непријател, туку треба да покаже доволно доблест и храброст дека бројките се реални. Според него постои сериозна опасност голем број од граѓаните да не ги признаат резултатите од оваа операција.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста