Закажани серија протести – силен притисок за Власта да ги покачи сите плати

Конфедерацијата на слободни синдикати во среда, Независниот синдикат за образование стои на ставот за протест во април, а дека ќе излезат на улица се закануваат и од УПОЗ. Навлегувањето во длабока економска криза се повеќе се чувствува, а револтот кај работниците расте. Разговорите за усогласување на платите со минималецот помеѓу КСС и Власта водат во ќор-сокак. И додека владата се правда дека предлогот се разгледувал на Економско-социјалниот совет, КСС на 30 март ќе протестира пред Собранието.

Дел од гранските синдикати и КСС донесоа одлука да излеземе првично на улица на 30 март во 15:30 часот пред Собранието и да го искажеме нашето незадоволство затоа што уште во ноември минатата година испративме допис до сите пратеници барајќи усогласување на платите согласно минималната плата која во тој момент беше 15.200 денари – изјави Благоја Ралповски, претседател на КСС.

На незадоволството се приклучи и СОНК. Тие најавија генерален штрајк во образованието од 11 април, поради незантересираноста на власта за нивните барања.

За жал очигледно е дека Владата нема интерес да ги зголеми платите во овие дејности. Ние ќе им дадеме поддршка на синдикатите, најавуваме генерален штрајк на 11 април – изјави Јаким Неделков од СОНК.

Дека револтот во приватниот но и во јавниот сектор расте, доказ е и најавата за протест на УПОЗ.

Околу 2.000 јавни и правосудни службеници нема да ја земат новата минимална плата доколку не се направат измени на околу 20 закони.Со оглед на тоа дека треба да се сменат дваесетина закони за платите да се регулираат, за што веќе нема време, протестот е се поизвесен – реагираат од УПОЗ.

На протестот на КСС во среда, ќе се приклучат и полициските службеници.

Адријана Алексиеска

https://youtu.be/QA-nXw9BYuE

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста