Царовска: Едно од сценаријата за старт на учебната година е на дадената национална платформа

Неизвесно како ќе се одвива учебната година – МОН подготви три сценарија меѓу кои и учење на националната платформа која никогаш не почна да функционира. Министерката за образование Царовска најави дека е можно сите ученици да се вратат во школските клупи, другото сценарио предвидува враќање на сите ученици во училиштата со ротација на присуството на учениците на една недела, но не се исклучува можноста, учениците до четврто одделение да учат со физичко присуство а останатите на таканаречената национална платформа. Дали со ова, Царовска најави дека конечно ќе почне да функционира помпезно најавуваната платформа која крахираше само неколку дена по почетокот на,учебната 2020/2021 година? Тогаш многупати беше прозвана и координаторката на платформата Александра Ружин, да понесе одговорност – но не се произнесе во јавност.

Сите во Владата сме согласни дека најдобро е сите ученици од први септември да се вратат во училишните клупи под протоколите за заштита од ковид-19.Според второто сценарио со физичко присуство настава да следат учениците од 1-4 одделение, додека другите ученици, наставата да ја следат онлајн на националната платформа.Третото сценарио, пак, предвидува враќање на сите ученици во училиштата под здравствени протоколи со ротација на присуството на учениците на една недела – изјави министерката за образование Мила Царовска.

Додека уште не е одлучено како ќе изгледа претстојната учебна година – проблемот со неиздадените свидетелства останува нерешен. Царовска ја префрли топката на Бирото за развој на образование ама и ги оправда дека одложувањето било согласно законските рокови бидејќи крајот на учебната година е 31 август.

Дека и оваа учебна година ќе започне проблематично покажуваат се почестите реакции на синдикатите – Царовска ќе мора да најде начин да го смири гневот кај наставниците кои до сега користеа сопствени ресурси да ја истуркаат онлајн наставата – доколку и оваа година се учи онлајн, дел од наставниците предупредуваат дека нема да мрднат со прст, доколку не им бидат обезбедени електронски уреди. На повидок е и бојкот на наставата кој го најавија од иницијативата „Учебници и настава мора да има“ – бидејќи од надлежните нема ни збор за референдумот кој го бараа против дигитализација на образованието.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста