Бројките на новозаразени во Тетово загрижувачки,од секојдневието поинаква слика

Гужва низ улиците, пред банките, во верските објекти.Секојдневието во Тетово нималку не покажува дека градот е едно од најголемите жаришта на коронавирусот,каде заразата брзо се шири.

  • Не се само улиците преполни, како што е сликата позади мене.Полно и низ кафулињата, рестораните, по продавниците. А, само од почетокот на неделава бројот на новозаразени во градот е близу 300.Во моментов пак, активно болни се над 700 лица.

Групирањата периодов се посочени како најголем ризик за ширење на заразата,а токму џамиите на денешната петочна молитва  беа полни со верници.Маски носеа, но не баш сите, а ниту дистанцата не се почитуваше.Но, тетовци не се плашат,оти според нив, мерките се почитувале.

И покрај загрижувачки растечкиот број на новозаразени во тетовско, граѓаните сметаат  дека не треба порестриктивни мерки, како враќање на полицискиот час. Градоначалничката пак, Теута Арифи,која исто е против ова, сепак, најави дека доколку ваквиот тренд продолжи, ќе биде неопходно да се воведат нови мерки.

Милена Вучевска