Бриселските порти остануваат затворени за Македонија: Проширувањето не е на агендата на ЕУ, остри тонови од Бугарија

Македонија повторно останува со празни раце пред бриселските порти. Проширувањето надвор од агендата на Европската унија до крајот на годинава, јавуваат регионалните агенции, повикувајќи се на високи европски дипломати.

Тие оставаат за договор, но сепак велат дека е невозможно за неколку часа нешто да се смени, а точката за проширувањето е ставена под разно. На само ден пред министерскиот совет нов бараж од Бугарија. И покрај сите отстапки од Македонија, се бара уште. Бугарскиот претседател бара да се признаела историската вистина.

-Нашите браќа од Република Северна Македонија треба да станат членови на ЕУ, но тоа мора да биде со искоренување на антибугарската реторика, говорот на омраза и објективното признавање на историската вистина, што мора да стане неповратен процес и тука Бугарија треба категорично да ги брани своите права, изјави Радев.

Дека е невозможно да се промени ставот на Бугарија за волку кратко време, истакна и европратеникот од партијат на Борисов, Андреј Ковачев. Тој се осврна и на изјавата на Заев, да се почекале изборите во Бугарија, велејќи дека тоа немало врска.

-Македонската страна се обидува да најде секакви изговори. Бугарските избори немаат ништо заедничко со нашата заедничка историја. Сите политички партии се на исто мислење- не може да правиме компромиси со историјата и со јасните историски акти, порача Ковачев.

А дека Македонија ќе мора да прифати уште многу голем број уцени од Бугарија станува јасно и по соопштението испратено од партијата на Красимир Каракачанов, каде бараат на бугарските телевизии да не се преведува македонски јазик, велејќи дека бил бугарски дијалект.

-Бугарската наука недвосмислено го дефинира таканаречениот македонски јазик како регионална форма на бугарскиот јазик. Тоа е позиција и на Институтот за бугарски јазик при Бугарската академија на науки. Освен тоа, официјалната политичка позиција на Бугарија во текот на целото независно постоење на Македонија, потврдена и од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, е непризнавање на таканаречениот македонски јазик, велат од ВМРО-БНД.

Инаку, Македонија секако не може на овој самит на министрите да добие датум, бидејќи истиот се одржува он лајн, и се смета за неформален, односно не може да се носат одлуки и заклучоци. А јасно е и дека закажувањето на првите меѓувладини конференции за Македонија и Албанија нема да бидат ниту тема на дискусија, бидејќи нема консензус меѓу земјите членки.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста