Загадувањето урива рекорди, но власта како да дише планински воздух – невладините се бесни
1000 микрограми ПМ 10 честички на метар кубен. Изутрината срушен уште еден неславен рекорд. Воздухот во општина Гази Баба отровен. Мерната станица во населбата Автокомнда измери загаден воздух 20 пати над дозволената граница. Слична беше состојбата и во другите општини од главниот град освен Сопиште – единствено таму луѓето имаа привилегија да дишат чист воздух. Загрижува состојбата и во другите градови. Во Струмица измерени катастрофални 300 микрограми. Магловито и загадено е и во Кавадарци, Куманово, Гостивар, Тетово, Велес и Свети Николе.
Еко активистите алармираат властите да не се однесуваат како да го заборавиле овој проблем кој со години ги гуши граѓаните. Според нив борбата со аерозагадувањето треба да трае во текот на целата година а не само во зима, а невладините постојано да вршат притисок на надлежните за конечно да се реши овој проблем. Најмногу од се ги загрижува, што премалку финансии се одвојуваат за оваа битка.
Според мене, дефинитивно, за борба кyоја што одзема над три илјади човечки животи годишно, кои што очигледно сакаме да ги заборавиме, кои што се повеќе за жал и од починатите од корона вирус, не може толку мал дел од буџетот да биде посветен на справување со нешто што ја загрозува националната безбедност – вели за Алфа еко-активистот Горјан Јовановски.
И додека луѓето дишат загаден воздух, Собранието ги одби речиси сите амандмани на О2 иницијатива за распределба на буџетот. Од буџетот за 2021 година беа одвоени само 1,3 милиони евра, а дури 82,8 милиони евра за разни материјали и ситен инвертар, храна и пијалоци.
Она што дополнително ги разгневи е дека партиите обезбедија кворум за да си ги вратат парите што им беа скратени на почетокот на ковид кризата.
Пари за филтри нема, нема пари ниту за промена на начинот на греење на болниците, многу биле, немало за друго да остане.
Ама пари за партиите секогаш има. Во ковид криза, тие си враќаат околу 4 милиони евра што им биле скратени за време на вонредната состојба, која всушност не е ниту завршена – пишуваат од О2 Иницијатива.
Македонија е меѓу првите земји со најзагаден воздух во светот, а истражувањата покажуваат дека околу 3000 луѓе годишно умираат од последици на болестите предизвикани од отровниот воздух.
Адријана Алексиеска