Брисел гледа надеж во попустливоста на Заев: Последните пораки од Вархеји се притисок за Македонија да ги прифати бугарските уцени
Притисокот кон Македонија да ги прифати бугарските уцени станува се поголем, вели за Алфа нашиот поранешен амбасадор во Велика Британија, Ристо Никовски. Ова доаѓа откако од Брисел пристигнаа пораки дека е можно Албанија пред Македонија да ги започне преговорите со Европската унија, бидејќи подобро ги спровеле реформите, а ние на грбот си го имаме и бугарскиот проблем.
-Чинам дека изјавата на Вархеји е директен притисок врз Македонија, што поскоро да капитулира во однос на Бугарија и да ги прифати оние услови кои се директна уцена. Факт е дека откако се виде дека има блокада од страна на Бугарија, својата реторика Брисел ја смени и сега нагласува дека сме задоцнети со реформите, реформите не следат и слично, вели Никовски.
Албанија долго време беше камен околу вратот на македонскиот европски прогрес, барем така беше претставувана од ЕУ. Пораките беа дека мора во пакет да ги започнеме преговорите, но сега се промени реториката. Еврокомесарот за проширување, Олвиер Вархеји, ја пофали Албанија за напредокот во реформите, најавувајќи дека се подготвени и дека можеби пред нас ќе ја имаат првата меѓувладина конференција. А за Македонија стигна порака дека без договор со Бугарија не можеме да се надеваме на преговори.
-Северна Македонија го одржува темпото на спроведување на ЕУ реформите, но важно е брзо да се најдат заеднички прифатливи решенија за билатералните прашања меѓу Северна Македонија и Албанија. Комисијата смета дека за првата меѓувладина конференција со Албанија за почеток на преговорите со ЕУ се исполнети сите услови, благодарение на важните реформи во изборниот законик, владеењето на правото и во судскиот систем, вклучувајќи го и ветингот на судиите и обвинителите, изјави Вархеји.
Сценарио во кое Европската унија би не разделила од пакетот со Албанија, би бил вистински студен туш за Македонија. Никовски вели Европската Унија сепак немала да дозволи вакво сценарио.
-Неодамна и Еди Рама рече дека Албанија ќе ја чека Македонија, таа изјава треба да се стави во контекст дека и нему му е јасно нема Брисел да дозволи да се раздвојат двете земји. Бидејќи во првите година и пол јасно ни беше порачано дека, главна беше Франција, а и половина други членки, дека нема да може Македонија сама да ги започне преговорите, без Албанија, изјави Никовски.
Инаку, Македонија со цел старт на преговори со ЕУ, го промени дури и своето уставно име, прифати голем број уцени и условувања од Бугарија, во моментов се преговара и за Гоце Делчев. Источниот сосед бара и да признаеме дека македонски јазик и нација не постоеле пред 1945-та година.