Болниците тонат во милионски долгови – недоволно средства или лошо менаџирање?

Молк од клиниките, болниците и здравствените домови низ Македонија. Речиси ниту еден директор не сака да зборува за финансиската состојба во која се наоѓаат институциите со кои тие раководат.

Меѓу оние кои се одважија да одговорат е првиот човек на болницата во Штип која е меѓу десетте најзадолжени. Директорот во изјава за „АЛФА ТВ“ не го крие тоа, и „сламка за спас“ гледа во Фондот за здравственото осигурување. 

„Буџетот ни е околу 550 милиони денари, а долгот во моментот е 90 милиони денари. Должници ни се МЗ, други здравствени и физички лица, а должиме најмногу на фирмите за лекови, кислород и лабораториски реагенси. Очекувам во текот на годината да добиеме дополнителни средства од ФЗО за да се стабилизираме. Имаме најави од новиот министер за дополнително зголемување на буџетот за отприлика 30 милиони денари повеќе од сегашниот“, вели д-р Ален Георгијев.

Од друга страна од прилепската болница велат дека тие биле финансиски стабилни.

„Нашата болница е во финансиска стабилна состојба. Имајќи в предвид дека имаме зголемени трошоци за лекови, реагенси, зголемена потреба за кислород, успеаваме навреме да ги покриваме обврските кон добавувачите. Морам да напоменам дека не секогаш финансиските средства се најважни во вложувањето на човечкиот капитал“, изјави за „ТВ АЛФА“, директорката Кети Смилеска.

Другите директори не коментираат на оваа тема. Неофицијално немале одобрение од Министерството. А, оттаму пак, конечно одговорија на нашите прашања, но со кусо и штуро соопштение.

„Ја следиме работата на сите јавно – здравствени установи и соодветните служби ги следат аспектите како од фунционирањето на установите од стручен аспект, така и од финансиски аспект. Во однос на финансиската состојба како и причините за настанувањето на долговите најпрво треба да се земе во предвид дека секоја установа има определен буџет кој претходно е усогласен  со ФЗОМ, преку утврдени параметри и реализирани здравствени услуги“, велат од МЗ.

Од друга страна, поранешниот министер за здравство, Арбен Таравари на вчерашното гостување во „Што не е јасно“, за долговите на јавното здравство не гледа излез во наредните пет години.

Кризата со пандемијата си го стори своето. Но сепак, неспособноста на некои директори, менаџери и луѓе кои се таму да ги исполнат желбите на некоја партија, доведува да имаме долгови, кои постојано ќе се натрупуваат. Тоа се долгови на државата, тоа се долгови на МЗ и ФЗОМ и со овие последици ќе се занимаваме наредните 5-6 години. Наместо да се вложува во нови болници, ќе се исплаќаат долгови на неспособни директори. Ние сме пример во регионот за перфектно приватно здравство, а дно за јавно здравство“, вели Таравари.

Според податоците од Министерството за финансии, на крајот од минатата година болниците, клиниките и здравствените домови заедно должеле 68 милиони евра, а дополнителни речиси 30 милиони се во недоспеан и неплатен долг.  

Болниците и клиниките се уште имаат по двајца директори, а укинувањето на економскиот директор беше ветување на владејачката СДСМ уште на изборите во 2016 година. Ветувањето не е исполнето.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста