Бојаџи: Власта врши притисок врз телевизија Алфа со апсурдни барања, ниe немаме што да криеме

Телевизија Алфа нема што да крие и силниот притисок од институциите на системот, зад кој стојат центри на моќ во и околу власта и владејачката партија ќе го издржиме, порачува управителот на Алфа, Јани Бојаџи. Објаснува дека контролите од државните органи се многу чести од првиот ден откако дошол на директорската позиција, а последниов период станале се позачестени. Инспектори од организиран криминал при МВР, како што самите кажале по налог на обвинителката Вилма Русковска, проверуваат случај од пред неколку години, за кој веќе судската постапка е во тек. Во исто време покрај ваквиот чуден потег на Обвинителството, увид во финансиското работење со други правни субјекти на телевизијата, врши и финансиската полиција. Но, Бојаџи вели дека покрај тоа што е нивна задача, тие барале увид и во телевизиската програма, што според него никако не е својствено на една демократска држава. Тој потенцира дека ова претставува јасен, иако апсурден обид на власта да врши притисок врз единствената критички расположена телевизија.

-Тие дополнително на мој шок побараа увид во програмските содржини и увид во производите на Алфа телевизија. Ова е нон сенс, Финансиска полиција во европска демократска држава да се занимава со содржините кои ги произведува некоја национална телевизија, потсеќа на малку е режим, потсеќа на апартхејд. Се разбира дека ние немаме што да криеме и тоа ќе им го дадеме на увид, изјави Бојаџи.

И покрај тоа што ваквото барање од Финансиската полиција е и повеќе од чудно, Алфа ќе го обезбеди она што се бара. Телевизијата согласно правила ги започна техничките подготовки. Инспекторите се предупредени од техничкиот персонал на телевизијата дека станува збор за многу сложена техничка операција, која бара многу време и сериозни финансиски средства. Станува збор за многу обемен материјал, за кој на инспекторите ќе им требаат години само да го прегледаат.

-На крајот ќе се соберат околу 6 илјади часа програма. Осум часа на ден, ќе им требаат седум и пол години да го прегледаат тој материјал. Ние тоа ќе им го обезбедиме, им посакувам добро гледање, убаво да си поминат и да уживаат во програмите, во производството на Алфа телевизија следните седум и пол години, изјави Бојаџи.

Телевизија Алфа работи согласно законите, правилата и добрите практики, вршејќи дејност од национален интерес. Освен што им стоиме на располагање на сите државни институции, телевизијата стои на располагање на јавноста, која самата може да го процени квалитетот, објективноста и професионалноста во нашата дејност.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста