Соопштение на телевизија Алфа во врска со упадот на финансиска полиција и организиран криминал

Повеќе од два месеци телевизија Алфа е под интензивен притисок, односно се случува упад на финансиската полиција која бара увид во финансиското работење на телевизијата со други правни лица. Откако ја добија бараната документација тие побараа и дополнителен увид во телевизиското работење на Aлфа, односно во телевизиската програма во периодот од декември 2019 до октомври 2020 година.

Алфа согласно правилата ги започна техничките подготовки за барањата на финансиската полиција. Предупредуваме дека станува збор за хипер сложена техничка операција која ќе одзеде многу време и сериозни финансиски средства.

Дополнително на ова, пред една недела во телевизија Алфа се случи упад на инспектори од организиран криминал и корупција при МВР, кои со себе носеа наредба, без конкретни показатели, но според нив потпишана од обвинителката Вилма Рускоска. И овие инспектори побараа увид во нашето комерцијално работење, но во периодот од 2013 до 2020 година. Во врска со ова, телевизијата дополнително достави писмено барање и до Организиран криминал и до обвинителството на Вилма Рускоска да ги прецизираат нивните барања за увид и контрола бидејќи, исто како и во случајот со барањата на нивните колеги од финансиска полиција, само мултиплицирано, се работи за неколку стотици илјади часови телевизиска програма.

Во врска со целиот случај, телевизија Алфа потенцира дека работи согласно законите, правилата и добрите практики, а притоа врши и дејност од национален интерес. Освен што им стои на располагање на сите државни институции, телевизијата и стои на располагање и на јавноста која во последните неколку месеци со својата доверба ја крена Алфа до степенот на трето рангирана меѓу националните телевизии.

Поврзани вести