„Блескаме“ – Скопје руши рекорди по загаденост, надлежните празнуваат

Цела Македонија свети длабоко во црвено – воздухот повторно енормно загаден. Скопје на врвот. Рекордни 948 микрорграми ПМ честички на метар кубен беа измерени во Гази Баба, 430 во Лисиче, 361 во Центар. Бројките се застрашувачки, велат граѓаните.

Граѓаните пред камерата на Алфа се пожалија дека тешко дишат, особено рано наутро и доцна на вечер.

Мерните станици за квалитет на воздухот кои се поставени ширум земјава покажуваа дека загадувањето беше енормно насекаде. Денеска, како и обично, ветерот е спасител на скопјани.

Од министерството за животна средина се правдаат преку соопштение каде тврдат дека податоците за загаденоста во Гази Баба не биле валидни зашто инструментот за мерење бил дефектен.

Црвен аларм има во речиси сите скопски општини, но за активирање на вонредните мерки ќе се чекало два дена по ред загадувањето да биде над 180 микрограми ПМ честички на метар кубен. Владата нема да го намали прагот на загаденоста за активирање на мерките, иако министерот за здравство поднесе таква иницијатива.

Граѓаните се гушат, а надлежните многу и да не се потресуваат. Мерните станици речиси секојдневно го достигнуваат врвот и ја надминаа црвената линија не само во Скопје, туку и во внатрешноста. Загаденоста зема се поголема замав особено во вечерните часови.

Освен во Скопје, тешко се дишеше и во Тетово, Гостивар, Кичево, па и Битола и Штип, речиси секаде сликата е застрашувачка, особено кога температурата опаѓа.

Светската Здравствена Организација проценува дека токму загаденоста е причина за предвремено раѓање на бебињата, низа болести, како и појава на карцином кај населението.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста