Арсовска: Шилегов ја заглавил градската каса со над 50 милиони евра

Над 50 милиони евра долг и остави претходникот Петре Шилегов на актуелната градоначалничка на Скопје. Нетранспарентни јавни набавки, кредити, огромни суми потрошени на кафеани – Данела Арсовска на брифингот со новинарите алармираше за сериозната ситуација во Градот. Детални суми, колку точно пари биле потрошени и за што, се очекува од извештаите кога ќе заврши ревизијата.

Градот е соочен со големо задолжување и во овој момент она што е останато како простор, за практично може нешто да се направи по основ на кредитирање, е скоро никаков. И тоа видов дека некој од претходното раководство се обиде да го претстави како моја слабост, дека нема да можам ад кредитирам, наместо да го претстави како свое критизерство лично, што овозможил градот за четири години да се задолжи три пати повеќе од тоа што бил порано во претходниот мандат на неговиот претходник – истакна Арсовска.

Арсовска ги наведе причините зошто  проектот на Шилегов за брз автобуски превоз нема да се имплементира. Во документот на битолската компанија што го ревидирала проектот на Шилегов  има бројни забелешки.

„Морам да кажам, она што го видовме тука, од аспект на решението кое што беше презентирано во јавноста како нешто револуционерно, не само што не е револуционерно, туку и на штета на граѓаните на градот Скопје. Прво пред се затоа што е за тој БРТ превоз, нема одлука од Советот на Град Скопје“, кажа Арсовска.

Бесплатниот превоз кој беше носечки проект за време на кампањата, пред Арсовска да застане на чело на Градот, целосно ќе се реализирал за две години. Имплементацијата ќе започне етапно, со одредени категории на граѓани. Градоначалничката го претстави новиот в.д директор на ЈСП, кој истакна дека претпријатието е заглавено во долгови.

На денешниот брифинг, Арсовска ги претстави и в.д директорите на претпријатето Дрисла и Улици и патишта, информираше дека се исчистени околу 120 диви депонии а ќе се активира инспекциски надзор во три смени за да се спречи дополнително полнење на депониите. За новогодишното украсување информираше дека веќе е во тек, од страна на општествено одговорна компанија. За најлудата ноќ, скопјани на плоштад Македонија ќе се забавуваат со македонски изведувачи, но деталите ќе бидат соопштени деновиве. 

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста