Апаратите за отпечаток го отежнаа изборниот ден, но спречија можна манипулација со гласачите

Неуспешни обиди да се отчита отпечаток од прст, лош квалитет на базата на податоци од МВР, лошо ракување со фингерпринт апаратите – овие проблеми го одбележаа релативно мирниот изборен ден, а поради метежот во избирачките места, во некои општини гласањето беше продолжено и по 19 часот. И покрај сите проблеми, генералната оценка на јавноста е дека апаратите спречија власта да манипулира со волјата на граѓаните. Во некои избирачки места, прекин на процесот имаше и повеќе од два часа, и согласно изборниот законик, таму времето  на гласање мораше да се продолжи. Државната изборна комисија пак повикуваше  на воздржаност од политички активности до 19:30 часот, со цел затекнатите граѓани на избирачките места да можат да го остварат своето право на глас.

Има неколку причини за големиот метеж на гласачките места односно, избирачкиот список кој има многу повеќе страни отколку што имал претходно затоа што имаме рекорден број на листи, една четвртина од отпечатоците од МВР се со лош квалитет, а дополнително треба да се внимава на ковид – мерките. Имаме информации дека некои избирачки одбори, сами одлучиле да престанат да ги користат фингер-принт апартите, што е незаконски, тие лица ќе треба да се санкционираат – изјави вчера претседателот на ДИК Александар Даштевски.

Многу граѓани низ земјава, за гласање чекаа и по повеќе од половина час, се создаваше метеж во дворовите но и внатре во избирачките места, а Државната изборна комисија дури и писмено реагираше до сите избирачки одбори да примаат онолку граѓани колку што има кутии на избирчкото место. Причините за прекините на гласањето и метежот во дел од општините главно се однесуваа на проблемот со фингер-принт апаратите,  ковид протоколите но и обемниот избирачки материјал поради рекордниот број советнички листи.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста