Македонија се сеќава на Тоше: 14 години како згасна најголемата македонска музичка ѕвезда

14 години Македонија жали за својата најголема музичка ѕвезда Тоше Проески, која згасна на само 26 години. На денешен ден во 2007 година во трагична сообраќајна несреќа загина човекот со ангелски глас, кој денес ќе имаше 40 години.

Кобната несреќа се случи на 17-ти октомври 2007-ма утрината во 6 часот и 20 минути  кај Нова Градишка, Хрватска. Веста која веднаш стана главна во целиот регион, е најмалку посакуваната. Сите медиуми јавија: Загина Тоше Проески.

-Загина Тоше Проески, утринава во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка. За неговата смрт известуваат домашните, но и странските медиуми.

Оваа вест со неверување ја примија сите фанови, кои и тоа како беа во голем број. Ден подоцна со сите државни почести, Тоше беше испратен во своето вечно живеалиште во Крушево. На погребот имаше илјадници луѓе, меѓу нив голем број соработници и фанови.

Тоше беше еден и единствен, но и едноставен, кој секогаш ја искажува љубовта кон своите фанови.

Поради тоа не постоеше човек кој не го сака. Тој пред смртта на сите нас ни ја подари официјалната навивачка химна на македонските спортски селекции.

Тоше никогаш не ја криеше ниту љубовта кон својата Македонија.

Ние постоиме од пред Исуса Христа фала Богу… Јас не познавам држава која се вика ФИРОМ, јас доаѓам од Македонија. Јас ќе бидам секогаш Македонец и ми е посебна гордост и чест да кажам дека сум Македонец, порачуваше Тоше.

На само неколку часа пред смртта Тоше Проески го сними своето последно интервју, во кое говореше дека славата почнала да му пречи во нормалниот тек на животот.

-Барам ревитализирање од секојдневни интервјуа, од шминкање, од вадење шминка, од пакување денес, распакување во Загреб. Па обратно од Загреб тука, па од тука Австралија, па од Австралија тука, до тука ми е се, изјави Тоше на неколку часа пред трагедијата.

Тоше замина, но зад себе остави голем број хитови, еден од најголемите е оној кој го вивна меѓу ѕвездите, една од неговите први песни „Сонце во твоите руси коси“, но и уште многу други кои фановите заедно со него ги пееја во еден глас.

 Чествувањето по повод 14-годишнината од смртта на Македонецот со ангелски глас започна во четвртокот, кога петмина од ултрамаратонците во Хрватска, симболично истрчаа 15 километри од местото Нова Градишка. А додека 15 ултра-маратонци, вчера го започнаа маратонот од граничниот премин Табановце. Тие трчаа преку Скопје и денеска пристигнаа во Крушево, односно до местото „Гумење“ каде што се наоѓаат Спомен-куќата и вечното почивалиште на Тоше, каде крушевчани ги дочекаа со црвени рози.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста