Анти-корона мерките се олабавуваат – од 21 јануари кафеаните ќе работат до 21 часот

Од 21 јануари во кафеана ќе може да се седи до 21 часот. Министерот за здравство даде зелено светло, од следниот четврток да ги олабави мерките, ама само оние кои се однесуваат на времето за работа на угостителските објекти . Филипче не ја исклучува можноста работното време да се продолжи и до 23 часот, ама за тоа дополнително ќе се разговара . Дел од експертите сметаат дека за олабавување е се уште  рано, апелираат да се почека, намалениот број на заразени од корона може брзо да се промени, ако бидеме невнимателни.

Според Пановски, продолжувањето на работното време на рестораните е со цел –  спас на економијата во угостителскиот сектор.

По одлуката на здравствените власти, угостителите бурно реагираа. Од Независната угостителска комора предлагаат да се донесе унифициран протокол за сите угостителски објекти и не гледаат причина зошто не работат и до 01 часот.

Во голем дел од земјите во регионот и Европа за сега остануваат на сила мерките за заштита.  Во Србија освен укинувањето на ПЦР тестот за влез во државата, угостителските објекти се затвораат во 20 часот.  Во Словенија, состојбата на епидемија е продолжена во следните два месеци, на сила е забрана за јавни собири, забрана за движење надвор од општините на живеење. Швајцарија од понеделник воведува задолжително работење од дома, угостителските објекти и понатаму остануваат затворени. И полските власти немаат намера да ги отворат угостителските објекти, а угостителите ќе протестираат за отворање на рестораните, пансионите и скијачките центри. Германија не планира да ги укине мерките во наредните три месеци, а на сила е препорака за дополнително намалување на контактите.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста