Со спојување на прилепската Општа болница и Здравствениот дом во една установа, ќе се амортизира хаосот во јавните здравствени услуги ?!

  •  Слабата функционалност и хаосот во македонското здравство, а особено во јавното, факти која најмногу дојде до израз во овие пандемски месеци, ќе се неутрализираат преку спојување на болниците со здравствените домови во една јавна здравствена установа, одлучи Владата на синоќешната седница. Помеѓу првите кои ќе бидат трансформирани се прилепската Општа болница и Здравствениот дом, кои треба да прераснат во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност. Според  образложението, целта била пациентите на едно место да добиваат поквалитетни здравствени услуги, но и да се заштедело на медицинскиот кадар, кој патем, со години е во хроничен дефицит, а и порационално да се користеле буџетите на установите, што ќе условело и намалување на нивните долгови.

    Според директорката на ЈЗУ Здравствен дом, Оливера Аџиоска, оваа трансформација, новина била и за нив. Таа вели дека претходно ниту некој ги консултирал, ниту пак сега ги информирал како во иднина би се одвивала постапката. Во очекување на конкретните напатствија,  нејзиниот впечаток бил дека оваа новина многу наликувала на здравствениот систем од пред триесетина години, но во овој момент не можела да каже дали тоа ќе е добро или пак, лошо.

     Градоначалникот на Прилеп, пак, Илија Јованоски, кој и самиот е лекар по професија, смета дека овој чекор ќе донесел поквалитетни  здравствени услуги за граѓаните, но и рационално искористување на и онака дефицитарниот медицинскиот кадар.

     Инаку, Алфа уште пред два месеци алармираше за очајните услови во кои работи прилепската Служба за итна медицинска помош, во еден век стариот и веќе руиниран објект, иако во последниве три години, беше ветувано дека истата ќе биде преместена во Здравствениот дом, а ковид – пациентите се прегледуваа во студените ходници и во амбулантни возила.

     “Кога почна пандемијата „Ковид 19“, ние бевме организирани со изолација на пациентите во посебна кола-комбе, исклучиво за преглед на пациенти и носење до Болница на пациенти од Ковид 19, сметајќи на тоа дека се стоплува времето и дека ќе биде лето и така функциониравме. Ама сега, пандемијата продолжи  и продолжува нашата голгота…“- ни изјави пред два месеци д-р Снежана Петровска, началник на Итната помош – Прилеп

    Во Болницата пак, со години недостигаат и лекари, но и медицинска опрема, а ретките нови набавки, најчесто се од донации. Дали најавената трансформација ќе ги ублажи овие критични состојби, или пак се само параван за прикривање на колабираниот здравствен систем, останува да покаже времето.  

     Каролина Дурло     

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста