Аналитичари: Можно е да се повтори сценариото со Преспанскиот договор, затоа што Заев ја киднапира дипломатијата

Се повторува ли историјата, поточно онаа од пред две години кога премиерот Заев ненадејно на прес конференција ни соопшти дека стануваме Република Северна Македонија, и за внатрешна и за надворешна употреба? Можно ли е исто сценарио со договорот за добрососедство, каде Заев зад затворени врати и без национален консензус ќе излезе пред граѓаните и ќе ни каже што договорил со Бугарија. Дел од аналитичарите, велат тоа не треба да ни биде изненадување, оти премиерот тера по таа лента.

Апсолутно е возможно такво сценарио. Откако е дојден Заев на власт, надворешната политика е киднапирана. Се крши практично Уставот. За време на преговорите за Преспанскиот договор, Уставот и законите се прекршени затоа што Претседателот на државата не беше ни информиран, а тој е задолжен да ги потпишува меѓународните договори, а тој не беше ни информиран, ни опозицијата не беше информирана, и сега истото ни се случува.-вели Јован Донев – поранешен амбасадор во В. Британија.

Според Донев, групата на луѓе кои раководат со надворешната политика во Македонија не се заинтересирани за мислењето на граѓаните ниту пак за националните интереси на државата.

Во такви услови нормално е дека не ви доаѓаат тие на седниците на комисиите за меѓународни работи, надворешна политика во Собранието. Не се сомневам и дека актуелниот претседател на државата е информиран за што тие преговараат-вели Јован Донев – поранешен амбасадор во В. Британија.

Поранешниот амбасадор вели дека Заев ќе се обиде што и да потпише да го претстави како успех, а се појасно е дека Бугарија нема да попушти со своите барања. Вели премиерот сака да ја избрише меморијата на граѓаните, а тоа е невозможно.

Историјата е минато, таа е сеќавање, а вие не можете да правите фалсификат на вашите сеќавања. Како може имплантно да им го избришете на луѓето сеќавањето и да им внесете друго сеќавање такво какво што сакаат бугарите-вели Јован Донев – поранешен амбасадор во В. Британија.

Ставовите на Бугарија стануваат се поцврсти, а пак македонскиот премиер се уште е оптимист дека ќе се најде решение, останува отворено прашањето какво би било тоа решение, дали ќе биде поштетно , дури и од решението ерга омнес во Преспанскиот договор, или пак државата со едногласен консензус ќе ги постави своите црвени линии.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста