Бугарското вето и ставовите на премиерот ја тресат Владата- ќе „преживее“ ли Заев?

Тенкото мнозинство во парламентот е под сериозна закана да се распадне. По расколот во СДСМ и иницијативата за оставка на премиерот Заев, која произлезе по острата реакција на Бранко Црвенковски – дел од експертите се сомневаат дека Заев има моќ да ја преживее најавената интерпелација од страна на опозицијата. Очекуваат дека дел од пратениците ќе му свртат грб, оти покажал дека за него не постојат црвени линии кога е во прашање стартот на преговорите за еуинтеграција.

Дел од пратениците, посебно од помалите партии на коалиционите парнери, дел од нив можеби и ќе решат дека е време да прекине со распродажбата со македонските национални интереси, се разбира дека писмото на Црвенковски има влијание кај дел од пратениците – вели Универзитетскиот професор Владимир Божиновски.

Според Божиновски, целта на ВМРО-ДПМНЕ, можеби е само обид да се направи притисок на Заев да прекине со агендата дека се може да биде предмет на преговори. Доколку ова не успее, опозицијата може повторно да побара интерпелација, во периодот по дефинитивниот несупех да се обезбеди започнување на преговорите со ЕУ. Аналитичарот Петар Арсовски пак, му дава „слобода на дејствување“ на премиерот барем до девети декември, кога практично ќе се покаже дали неговата тактика е успешна, односно дали по некое чудо Бугарија ќе се откаже од ветото а истовремено ќе бидат заштитени македонските национални интереси. Смета дека јавноста и народните избраници веројатно ќе го чекаат исходот од преговорите со Бугарија, а дури потоа би можело да стане збор за интерпелација со успешен исход.

Не знаеме дали до 9ти декември, или до наредниот Совет на министри може да се случи меѓувладината конференција. Затоа мислам дека јавноста и пратениците ќе го чекаат исходот од стратегијата на Заев. Ако се покаже дека не е успешна, ќе се отвори можност за нова интерпелација – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Поранешните претседатели на партиите за Арсовски, во моментов имаат релативно мало влијание во партиите, а ставовите на Бранко Црвенковски нема да го променат однесувањето на пратениците на СДСМ.

Сепак, опозицијата ќе настојува на интерпелација, оти според нив, Заев веќе ги упропастил македонските позиции и по неговото интревју за БГНЕС Бугарија е уверена дека може да добие буквално се што ќе посака.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста